
Ацо Станковски
Во зоните на самракот на последниве времиња, кога нештата стануваат здодевни до болка, еве ви ја старата спортска вештина, што во своите внатрешни структури содржи една стравотно силна компетитивност, која ја има сета хипнотичка сила да магнетизира и манипулира со емоциите на сите оние, што се фатиле во мрежата на нејзината заводливост. Фудбалот, кој во современоста се искачи како дејност со највисок степен на влијание на планетарно ниво, е кодифициран и структруиран како високософистициран спорт во тајните салони на англиските масонски ложи, најверојатно со цел да се групира, фокусира и манипулира со свеста на масите, кои во услови на задоволени примарни нагони почнуваат да генерираат револуционерен сентимент и да коваат безумни планови, исполнети со бестијална деструкција.
Затоа мудрите дизајнери на општествените корелации, братствата на слободните ѕидари, создале игра, во која поради нејзината драматична привлечност и нејзините неверојатно моќни системи за симулација на војната, ги привлекува токму оние пролетерски маси, кои, незадоволни од својата базична поставеност во општеството создаваат и најголеми квантуми на бес и незадоволство, когнитивни енергии, што талкаат наоколу по општествените лавиринти на очајот и бараат лидер или организација, кои со својот авторитет, харизма и позиционираност ќе го координираат овој енергетски импулс на деструкција кај незадоволните маси во револуционерна борба и промена на постоечкиот режим со нов, кој иако непроверен и исфантазиран, ќе биде далеку подобро решение од овој постоечкиот, од проста причина, што од веќе постоечкиот поредок, нема ништо полошо. Така барем мислат бесните незадоволници.
Затоа интелигентните владетели со поредокот и хиерархиските низи кои ја детерминираат неговата генеричка архитектоника, решиле да им создадат една совршена стапица на не многу паметните претставници на најниската и на најомасовената класа. Фудбалот, но и другите масовно прифатени спортови, ја играат токму таа општествена ролја, да го акумулираат сиот тој насобран гнев и омраза, целата таа огромна и безумна енергија на стадата пролетери, кои се толку одделени од било каква креативност и конструктивна акција, што, доколку не го хипнотизирате нивното внимание и не го ставите под контрола, ќе фатат да уништуваат сè, што претставува култура и цивилизација вдолж и попреку. Значи, феноменот на фудбалот, како супститутивен механизам на огромниот деструктивен порив кај пролетерите, бескрајно незадоволни од својот мизерен статус во општествениот поредок, има за цел да ги фокусира нивните неинтелигентни и неедуцирани умови во еден релативно стеснет птостор на значења и правила, како и да ги компримира нивните разурнувачки и неразумни тенденции во еден релативно кус рок од неколку часа (сосè продолжетоците и пеналите), со што го економизира и симплифицира овој проблем, не само во просторот, туку и во времето.
Всушност, кога ќе го упростите целиот механизам, добивате една сосема едноставна ситуација на контрола, исто како кога на вашата немирна, од вишок енергија мачка, ќе ѝ фрлите волнено клопче, кое таа ќе го турка и гони, сè додека не папса. Додадете му на ова неколку пософистицирани правила, кои треба да бидат поврзани со некакви цели, ултимативни цели, кои при една посуптилна деконструкција се тотално апсурдни, суетноста на моќта и егоизмот кои се сообразуваат со самата идентификација, внесете гламур и естетизација, рекламирајте го ова низ сите можни медиуми, и еве ви го магичниот циркус на контролата на масите преку забава и драма, преку исчекување и копнеж, преку празната желба за доминација врз другиот.
Можеби ова делува понижувачки и дегутантно за човековото достоинство, без оглед дали се работи за пролетери, буржуи или аристократи, но попонижувачки и далеку поужасно е сета таа животинска енергија да се распрсне низ општествениот крвоток и да направи деструкција од несогледливи размери. Мудрите дизајнери на општествените градби сигурно добро го промислувале овој стихиски феномен на вишок енергија, кој се појавува кај одредени социјални структури, кога врз квантумот на задоволените страсти ќе се појави вишокот од време и енергија. Ова сознание го имале и владетелите уште во најстарите времиња и мислеле и експериментирале, како да му доакаат на нескротливиот импулс во човека да уништува. Тие виделе дека за несофистицираниот ум уништувањето создава еден тип на задоволство, кое доаѓа од позицијата на доминантност и премоќ, нешто слично како при сексуалното задоволство. Несофистицираниот ум страда кога ќе се соочи со супериорна интелигенција и креативност, а единствена сатисфакција во таквите ситуации е токму агресивноста и деструктивноста. Токму од овие состојби се генерира манијакалноста, која како потенцијал ја гледаме насекаде околу нас. И затоа, оваа манијакалност и порив за уништување да не ескалира на општи нивоа, еве ви ги опсесивните, за масите, забави кои го култивираат и неутрализираат овој стихиски порив. Сетете се само на олимпијадите во античкиот свет или пак на гладијаторските игри, со кои древниот Рим ја контролираше безумната агресија на масите со векови.
Затоа фудбалот овде поприма улога на тераписки центар, на психијатриска сеанса, на јавна куќа или, пак, на машина за мастурбација со придружни аудио-визуелни ефекти. Ете затоа постојат оние оргазмички крикови и гестикулација кога ќе се поентира. Тоа се изрази и експресија на екстаза и кај публиката, а посебно кај протагонистите, кои се, секако, многу богато наградени за неверојатно важните функции кои ги вршат во однос на општествената стабилност, за која најчесто и самите не се свесни. Секако, фудбалот денес е апстрактна и гигантска конструкција, која никој не може да ја разори. На браникот на оваа конструкција на масовната хипноза не стојат само владетелите со поредокот, туку тука, во првите редови, се и самите пролетерски маси, кои како потсвесно да знаат, дека без ова контролирано лудило и без оваа идентификација и мезмеризам стварноста ќе потемни и ќе настапи времето на варваризмот, чии најголеми жртви ќе бидат токму тие самите.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


