Македонскиот ракометен шампион Металург, ќе игра со Динамо Минск во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Ждрепката е одлична, со оглед дека можни противници беа и Атлетико Мадрид со Кирил Лазаров и речиси комплетната руска репрезентација собрана во тимот на Чеховски Медведи.
Првиот меч ќе се игра во Минск, а термините се од 13. до 17. март, додека реваншот ќе биде една седмица подоцна, во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.
Металург, лани летоска играше против екипата од Минск, на турнирот во Струга и победи во неизвесен дуел со 26-23.
Во официјалните натпревари, Белорусите му се должници на нашиот шампион, откако ги елиминираа во квалификациите за ЛШ, во 2010 на турнирот во Порто. Тогаш Динамо славеше со 27-21 и се пласира во фазата по групи во ЛШ.
Сега од таборот на Металург велат дека е време за реванш, а пласман во четвртфиналето би бил историски успех. Во машкиот ракомет не сме имале четвртфиналист во ЛШ.
Кирил Лазаров и Атлетико ќе имаат тешка задача да го минат германскиот тим Фуксе Берлин.
Во останатите дуели ќе играат: Силкеборг – Барселона, Адемар Леон – Веспрем, Пик Сегед – Киелце, Целје – Хамбург, Чеховски Медведи – Кил, Горење – Фленсбург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.