– Кога ќе ѕирнеме назад, статистиката вели дека во изминативе три години, овде биле поставени изложби на над 100 автори, имало куп фантастични свирки, насмеани ликови, ептен квалитетна дружба и енергија и луѓе кои уживаат од првата до последната секунда на нашето омилено парче калдрма – велат од „Галерија 8“ која го слави третиот роденден. Затоа, овој роденден го славиме со сите вие кои сте биле дел од нашата слика изминативе три години за да изложиме на дело колку убави луѓе ѝ се случуваат на „Галерија 8“ секојдневно.
Поради тоа што ВИЕ ја правите секоја уживанција во „Галерија 8“, затоа и изложбата „PEOPLE“ со потпис на реномираниот фотограф Роберт Атанасовски.
Посебно горди сме што роденденската изложба ќе биде на Роко – лик кој може да се пофали со искуство како дописник на „Франс прес“, фоторепортер и уредник на фотографија во „Дневник“, „Нова, Македонија“, „Време“, сега е во mkd.mk… еден куп награди за фотографија, факти кои велат дека неговите фотографии се споделуваат нa светски медиуми од калибарот на „Вашингтон пост“, „ЛА тајмс“, „Чикаго трибјун“.
Со она што го раскажува фотографскиот објектив на Роко ќе уживаме цела вечер, а друштво ќе ни прави и светски популарниот академски сликар од Босна, Адим Хебиб. Тој оваа година заокоружува 35 години ликовна работа. Неговите дела ги има насекаде низ светот. На пример во Ватикан, Греманскиот президиум, Истанбул, Сараево, Бретен, Загреб, Гетебург, Инсбрук, Осло, но и во домовите на низа познати јавни личности и државници од целиот свет.
Дојдете да уживате со делата на фантастично инспиративниот и ултра креативен Роберт Атанасовски, нашиот Special Guest Star, како што се вели, академскиот сликар Адим Хебиб, и со сите оние кои ќе сакаат да ѝ подарат на „Галерија 8“ по една насмевка за третиот роденден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.