| четврток, 6 декември 2018 |

Евалуација на докторите од секундарно ниво преку системот телемедицина

тодоров

Лекарите од секундарна здравствена заштита кои имаат покомплексни случаи односно пациенти за чија здравствена состојба се двоумат и мислат дали да ги препратат на повисоко ниво на здравствена заштита, односно на терциерно ниво, преку телемедицинска врска ќе може да се поврзат со клиника од Скопје и на тој начин да се обидат да го решат проблемот во здравствената установа во која работат.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека концептот на тоа телемедицинско поврзување го користат за овозможување концепт на интерна или екстерна евалуација, како што тоа ќе биде во оваа прва фаза од проектот, односно 10 проценти од сите пациенти кои докторите ги прегледуваат во текот на месецот да бидат прегледувани и потврдувани од страна на специјалист од истата област од клиниките во Скопје.

Станува збор за воведување нова метода за внатрешно следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита во вршењето на дејноста во јавните здравствени установи, кој постои во сите развиени системи и го користат сите големи болници во Европа.

Со оваа метода, како што рече, во почетната фаза се опфатени клиничките болници во Битола, Тетово и Штип, како и општите болници во Велес и во Струмица, кои се дел од првата фаза на системот за телемедицина, при што докторите и нивните колеги од универзитетските клиники разменуваат знаење и искуства со помош на постојните аудио и видео врски (Велешката болница е линковски поврзана со ГОБ „8 Септември“, додека останатите здравствени установи имаат директна комуникација со универзитетските клиники во Скопје).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top