Посетителите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, од утре, до 10 јули 2014 година, ќе имаат можност да ја видат ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“.
Изложбата која е организирана во рамките на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на НУБ „Св. Климент Охридски“, утревечер во 20 часот свечено ќе ја отворат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директор на оваа национална библиотека „Св. Климент Охридски“, Иван К. Заров.
По гостувањето на изложбата во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија и скорешното нејзино претставување во Ватиканските музеи во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ и 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Светата Столица, за првпат изложбата ќе биде презентирана и пред пошироката македонска културна и општествена јавност.
Преку изложбата, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со нашето културно-историско наследство, преку најрепрезентативните ракописни книги, сведоци на илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија на чии темели е вградена дејноста на двајца од најзначајните Кирилометодиеви ученици и учесници во Моравската мисија- светите Климент и Наум Охридски.
Ракописните книги вклучени во оваа изложба опфаќаат еден голем хронолошки дијапазон и имаат една доминантна теолошка и литургиска конотираност со исклучок на два ракописи од 19 век низ кои провејува една граѓанска, профана обоеност.
Од вкупно триесет ракописи, 21 се од фондот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а останатите девет ракописи се од Заводот за заштита на спомениците на културата и
музеј – Охрид, Државниот архив на Македонија, Историскиот архив – Охрид, Македонската архиепископија (Богословски факултет) – Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.