Одлуката на Советот на општина Кочани да се наплаќа за паркинг во градското подрачје почнува да се применува од утре.
Цената на паркирањето ќе изнесува 10 денари на час, а ќе се користат паркинг- просторите пред Собранието, од двете страни на улицата „Маршал Тито“ и „Кеј на револуцијата“ до поштата, кај трговскиот центар, зад „Стопанска банка“ и по улицата „Димитар Влахов“.
– Со паркиралиштата за првите три месеци, додека трае пробниот период, ќе стопанисува Комуналното јавно претпријатие „Водовод“. Овие паркинг- простори се определени за ставање ред во паркирањето на најфреквентните места во градот и онаму каде што паркирањето пречи во одвивањето на нормалниот сообраќај. Од акцијата очекуваме и економски бенефит – истакна на денешната средба со новинарите градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
Со првобитната одлука беше определено да се наплаќа за паркирање од двете страни на Кочанска Река, од зградата на општината до поштата и до населбата Стришани, и тоа да го прави приватна фирма со јавно-приватно партнерство.
На одлуката на Советот на општина Кочани за плаќање на паркинг реагираат граѓаните кои собираат потписи и бараат поништување на одлуката на Советот. Кочани ќе биде прв град во источна Македонија каде што ќе се наплаќа за паркинг-место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


