Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос денеска ја одржа последната прес-конференција во рамките на грчкото претседателство со Европската унија.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Венизелос на пресот поднесе извештај за постигнувањата на грчкото претседателство кои всушност се сведуваат само на разни иницијативи, без реализирани конкретни важни проекти. Тој самиот рече дека Атина реално претседавала само четири месеци, затоа што два месеца биле потрошени за локалните избори во Грција, и изборите за Европскиот парламент во сите земји членки.
Во однос на Македонија, шефот на грчката дипломатија и денешниот прес го искористи за да повтори дека прашањето за името на Македонија не е билатерален спор, туку меѓународно отворено прашање.
Без разлика на новинарското прашање, тој го повтори ставот од пред неколку дена во Брисел дека зад спорот за името се крие суштински проблем за регионалната стабилност, демократија, почитување на човековите права и владеењето на правото, почитувањето на Охридскиот договор, почитување на договорот од март 2013.
Со денешната изјава официјална Атина потврди дека и покрај неколкуте препораки од страна на Европската комисија на Македонија да и се одреди датум за почеток на пристапните преговори со Унијата, Грција ќе ги користи сите можни инструменти внатре во Европскиот совет за да не дозволи да се случи тоа.
Иако, пред почетокот на грчкото претседателство со ЕУ, минатата година еврокомесарот Филе му упати директна порака на Самарас дека грчкото претседатлство треба да се искористи за напредок на целиот Балкански регион, а од грчкиот премиер се очекува да каже како да се интегрираат земјите што се надвор од ЕУ, тоа за изминативе шест месеци не се случи.
За да покаже дека прави нешто во врска со Балканот, грчкото претседателство во мај ја организираше министерската конференција ЕУ-Западен Балкан, но само како потсетување на Солунскиот самит од 2003 година.
– Со состанокот во Солун, го оживеавме споменот на Солунската агенда од 2003 година – изјави денеска Венизелос потврдувајќи дека средбата беше организирана про форма.
Во врска со другите земји од регионот, Венизелос информира дека Србија официјално ги почна преговорите, но се уште не е отворено ниту едно поглавје, додека Албанија доби статус на земја кандидат за членство што не мора да значи ништо, затоа што „во регионот има кандидати за членство од 2005 година кои се уште не ги почнале преговорите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.