Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Театар Комедија ќе биде премиерно изведена вечерва, 30 јуни, кај Паркот на езерата во општина Аеродром, за затворање на фестивалот и во чест на наградените на првиот Меѓународен фестивал на комедии „Гола месечина“.
Според режисерот Пројковски, претставата се занимава со театарот и животот, со сонот и јавето, па во одредени моменти актерите се ликовите на Шекспир, а во други моменти се луѓе кои ја носат својата приказна и тежина.
– „Многу врева за ништо“ зборува за љубовта, за љубовните бури на младите луѓе во борбата да се пронајде и да се случи вистинската љубов. Има момент во претставата кога влегуваме многу ретко во трагедијата за потоа на крајот сами да ја растуриме, да ја иронизираме, да влеземе преку една гротеска. Но, интересното е тоа што постојано се игра на различен начин. Линијата се држи меѓу двата жанра, како и меѓу театарот и животот. Некогаш се обидуваме да ги споиме, па гледачот треба сам да оцени што точно е вистината или театарот. Театар Комедија направи одлична актерска екипа. За еден актер да биде комплетен треба прекрасно да игра, да зборува стихови, да пее, да свири и танцува. Тие се прават во претставата и неа би ја дефинирал како театарска магија – изјави Пројковски.
Во „Многу врева за ништо“ играат актерите: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски, Ердоан Максут, Зорица Нушева, Нина Деан, Драгана Левенска и Ева Скендеровска. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, композитор Горан Трајковски, а кореограф Елена Прокопева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.