| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши вардарска регата „Гемиџии“

Вардарска регата „Гемиџии“Кај мостот под Гевгелија попладнево пловејќи по реката Вардар на целта пристигнаа учесниците во годинашната Вардарска регата „Гемиџии“. На целта покрај учесници пристигна и градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, кој денеска се вклучи во последната етапа. По традиција добредојде на учесниците им посака градоначалник на Општина Гевгелија,  Иван Франгов со своите соработници.

Велешкиот градоначалник Чадиев изјави дека регатата добро поминала низ сите четири етапи. Воедно најави догодина дека таа ќе прерасна во меѓународна.

– Годинава поради поплавите во Бугарија во последен момент ни откажаа колегите од Бугарија. Но веќе сега сме во преговори догодина покрај од Бугарија на Вардарската Регата „Гемиџии“ да земат учество и гости од Србија и останатите балкански земји, најави Чадиев.

Гевгелискиот градоначалник Иван Франгов искажа задоволство што сите учесници се добри и стигнаа на целта, а тие ја имаат можноста како добри домаќини да им посакаат добредојде.

– Моја голема желба е сите градоначалници од Вардарскиот регион заедно да пловиме на гемијата и заедно да пристигеме не само  до Гевгелија, туку до Солун , потенцира Франгов.

Инаку регатата од Велес тргна на 26 јуни во четвртокот и попатно имаше три кампувања. Последното беше синоќа кај селото Марвинци, од каде утрово 88-те учесници, меѓу кои и најмладите од Црвениот крст на Македонија, стигнаа на целта.

Вардарската регата „Гемиџии“ која Општина Велес ја организира со Здружението на граѓани „Гемиџии“ од Велес  и годинава имаше логистичка подршка од копно од велешката локална самоуправа, од МВР, од Воената полиција за брза интервенција и од Дирекцијата за заштита и спасување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top