| четврток, 6 декември 2018 |

Министерите од ЈИЕ: Културата не е трошок, туку создава пари

Република Македонија во време на криза донесе многу мудра одлука да инвестира во културата, изјави државниот секретар во Министерството за култура на Романија, Чила Хегедус, на маргините на Министерската конференција на Советот на министри за култура, што на тема „Јакнење на културата во функција на одржлив развој“ се одржува денеска во Охрид.

Како што нагласи таа, прилично е изненадена што близу два процента од вкупниот буџет во Македонија се издвојува за културата, што значи дека државата има одлична стратегија.

Инвестирањето во културата не само што создава нови работни места, туку создава и подобра клима за луѓето кои живеат во оваа земја. Посакувам Романија да имаше толкав буџет за културата, но се надевам дека ќе го постигнеме тоа. Сакам да и честатам на вашата мнистерката за култура затоа што овој состанок значи важен чекор во воспоставувањето поблиски односи помеѓу земјите. Ние имаме прекрасно и многу вредно културно наследство и доколку работиме заедно можеме да бидеме најдобриот дел од Европа – изјави Хегедус.

Според Бранислав Миќуновиќ, сегашен претседател на Националната комисија на УНЕСКО на Црна Гора и поранешен министер за култура во оваа држава, десетгодишното искуство на оваа иницијатива е доказ дека е неопходно  обединувањето на земјите, особено на тие во  регионот.

Оваа иницијатива се придржува кон нашите дамнешни желби културата да започне да се третира како одржлив развој, а не како трошок. Тоа е нашата борба, со нашите влади токму преку културата да не трошиме пари, туку да создаваме пари. На оваа конференција се направија многу добри работи. Декларацијата содржи многу теми, но една од најважните е прашањето за оджливоста на културата и нејзините важни функции во развојот на секоја држава – рече Миќуновиќ.

Хрватската министерка за култура Андреа Златар-Виолиќ смета дека е многу важно земјите од регионот нда се грижат за  културното наследство што го имаат и да се обидат да се вклучат во новите текови на финансирање.

Ние кои работиме во културата  сме свесни и знаеме дека културата има економски потенцијал да може најпрвин да се реализира низ културниот туризам. Би било навистина најдобро кога би се направиле културни рути кои би воделе кон целиот овој дел, почнувајќи од Словенија, па завршувајќи со Грција, Турција, Молдавија и натаму, кои не врзуваат низ историјата и столетијата, низ некои периоди во кои не постоеле граници или,  пак, тие биле поинакви – потенцира Златар-Виолиќ.

Според неа, работата во културата создава пари и, како што рече, неопходно е да се промени свеста која постои меѓу луѓето дека културата е само трошок.

Културата е секогаш вложување  и, навистина, не е срамно да се заработува од неа. Ние сега го менуваме законот за музеите  за да им овозможиме да имаат буквално мали музејски продавници, ресторани и кафетерии како што има насекаде во светот. Кај нас таа култура е затворена во една целина и луѓето понекогаш е плашат ако не е отворена  и достапна – додаде министерката за култура на Хрватска.

Учесниците на Министерската конференција во Охрид попладнево ќе потпишат Декларација која ќе содржи многу теми, но една од најважните е прашањето за одржливоста на културата и нејзините важни функции во развојот на секоја држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top