Доскорашниот помошник на Лино Червар, Александар Петровски, е новиот шеф на стручниот штаб на ЖРК Металург. Петровски доаѓа на местото на долгогодишниот тренер Крсто Петрушевски, под чие водство, екипата од „Автокоманда “ ги оствари најголемите клупски успеси и освои три првенства на Македонија и четири Купа на Македонија.
– Добив нова задача во клубот, која за мене е вистински предизвик и гордост. Ќе ја водам реорганизираната и подмладената женска екипа на Металург, која во својот состав има огромен број на сениорски, младински и кадетски репрезентативки на Македонија. Поставена ми е тешка задача да ја продолжам работата на досегашниот тренер Петрушевски, кому му благодарам за вложениот труд и работата во девојките. Металург и натаму останува на својата зацртана програма да создава квалитет со македонско обележје и моја задача ќе биде да формирам конкурентна екипа чиј заштитен знак ќе бидат младоста, талентот и квалитетот. Во наредниот период ќе го формирам мојот тим и ќе се запознам со девојките. Во соработка со клупската управа ќе ги договориме и подготовките за новата сезона – изјави Петровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.