| четврток, 6 декември 2018 |

Со Вилијам Бороуз

Aco-Stankovski-2_190x120

Ацо Станковски

Во „Корниум“ – постмодерното собиралиште на скопскиот андерграунд – во месецот снежник, кога бактериите хибернираат, а ангелите танцуваат, ги видов двата подвижника на нашата духовност: Феликс Дуровски и Флоријан Пржојајцов; беа како антички мудреци – Хераклит и Сократ, Дуровски и Пржојајцов – шаманот на големите потфати и реинкарнираниот голем маг на Александриската библиотека – тој што гата во пржени јајца – види ја сликата на иднината и на минатото во тавата со омлет – Еј, – голем страшен војводо, се удави во кајгана – еееејјј – и Дуровски – милува до мезмеризмот на семожното, до суштината на милозливоста космичка.

Овие два друида и шамана, овие Сократ и Хераклит, зрачеа со таква светлина таа вечер, што целосно се изгубив. Едноставно, паднав во транс, но не во оној ‘обниковен’ транс на целосна загубеност во хаотичноста на времето и на просторот, што Фројд би го нарекол параноја, туку во суптилен, јунговски трансфер на контекстуалноста. Можеби поради милите и премудри ликови на шаманот Дуровски и друидот Пржојајцов.

Сепак, халуцинациите не изостанаа. Верувајте, не се во прашање психоделиците. За дигресија – еден хипик-гуру од Сан Франциско оди во Непал и сретнува еден лама. Хипикот-гуру има цело кутивче трипови ЛСД 25 – made by Hofman – или Хофманови прикаски. И хипиков-гуру му фура филм на ламава тибетски и му „мрси“ за триповиве. И ламава – дај да видам. Хипиков му ја дава кутијата и ламава, клап, сите трипови (100-200) ги голта. И… ништо. Ламава си пее, си свирка – ништо не му е. А хипиков не знае што со себе – те плаче, те се клања, те… А ламава го утешува, го враќа во некаква си реалност – или подобро – го сака. Го сака, брат – That’s all! Алелуја!

И без оглед на сите мои експерименти – еве ти го Вилијам Бороуз како чуден дух таа вечер во „Корниум“, нашето пензионерско-андерграунд свратилиште – инкарниран во просторот меѓу големите магови на оваа маченичка култура. Секако, никој не го регистрира ова наше ‘видение’ – дури ни шаманот, кој одеднаш доби дионизиски димензии, ниту друидот, кој лееше светлина од своите бардаци на мудроста. Вилијам Бороуз се насади токму меѓу нив, на едно виртуелно столче и во сосема друга димензија.

В. Б.: – Гледам, ме гледаш. Одамна никој не ме видел.

Јас: – Простете, но дали сте вие духот на големиот магус на андерграундот – Вилијам Бороуз?

В. Б.: – Ах, не претерувајте, но тој сум. Чудно, како ме забележавте. Цело време се обидувам да се затскријам во некоја меѓузона на реалноста.

Јас: – Но, вие нема никогаш да се скриете, вашите писанија се религија на андерграунд-културата.

В. Б.: – Е, ова ме тера да се скријам и да исчезнам. Но, вие Македонците сте како стаорци, сè гледате, а вас никој не ве забележува.

Јас: – Кажете им го тоа на Грците!

В. Б.: – Ха, ха, ха, ха, ха… оддамна некој свесен ентитет не ме насмеал вака.

Јас: – Тоа е, всушност, љубовта во нас, безимените ‘Македонци’. Што помалку детерминираност, толку повеќе слобода.

В. Б.: – Еј, ова ми се допаѓа – што повеќе знаење, толку повеќе глупост. Кога еден народ нема име, тој станува космички или како веќе сакате – Божји народ поради неговата универзалност – тој не е ограничен на гротескните карактеристики на еден специфичен народ – Англичанец, Грк, Албанец, Турчин, Србин, Рус, Ром… да не давам… таквиот народ е народ, составен од луѓе, а луѓето се составени од највозвишената и најпростата космичка материја и енергија.

Јас: – Ова ми се харесва!

В. Б.: – И затоа тој народ што нема име, е народот избран од Севишниот. И Бог нема име и народот негов нема име. Зошто, Бог да имаше име, ќе се јавеше на тој што го довикува, но Бог нема име и многумина залудно го довикуваат.

Јас: – Но тој е „Бог“!

В. Б.: – Да, но тоа не е вистинското име. Всушност, Тој и нема име. Концептот на името за Него е идиотски концепт. Ова не го знаев додека бев во вашата димензија, но сега го знам.

Јас: – Имануел Сведенборг?

В. Б.: – Токму тој, стариот забеган Швед и, секако, Достоевски.

Јас: – Аншанте, о учителу!

В. Б.: – Нека е благословена вашата безимена нација. Вие сте мостот меѓу небото и земјата.

Јас: – Но, ве молам.

В. Б.: – Не бидете скромни. И најдолгиот пат почнува со еден чекор.

Јас: – А реал-политиката?

В. Б.: – Тоа е само трик на нечестивиот. И најпростите муџахедини знаат дека има постхумна димензија, многу посовршена и повозбудлива од оваа, што ја нарекуваат материјална.

Јас: – Ме наеживте.

В. Б.: – Но, ве молам, бидете трпеливи; сè има своја вредност и автентичност и сè е доволно убаво, за да се доживее.

Јас: – Дури и нашата македонска стварност?

В. Б.: – Посебно вашата македонска стварност – АМИН.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top