
Атанас Атанасовски и Нина Деан („Стјуардеси“) повторно се партнери на сцената
„Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Дејан Пројковски ќе ја има својата театарска премиера в понеделник, 30 јуни, на фестивалот „Гола месечина“, кој е во тек во скопската населба Аеродром. Со оваа претстава се затвора меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина 2014“.
„Многу врева за ништо“ е втора премиера на театар Комедија оваа сезона, по „Важно е да се викаш Ернест“. Сценографијата е на Валентин Светозарев, Благој Мицевски е костимограф, а музиката е на Горан Трајковски.
– Ова ќе биде нов, некласичен и несекојдневен Шекспир. Ќе се пее, танцува, на отоврена сцена ќе има многу музика, бендови, авторски песни, ќе се свири на клавир, синтисајзер, ќе се удира на тапани. Голем е ризикот да се игра на отворено, но ние го преземаме тој ризик – рече Јелена Жугиќ, директорката на Театар Комедија.
Според режисерот Пројковски, „Многу врева за ништ0“, ова е претстава за една театарска игра.
– Во претставата ние си поигруваме со жанровите, има трагедија, комедија, гротеска. Овој текст се занимава со феноменот театар. Ние направивме тотален театар – вели Пројковски.
За актерката Нина Деан, оваа претстава е нешто сосема поинакво од сѐ што досега таа го работела.
– Сите актери отидоа до места каде што досега не биле. Ова е една убава претстава за една чиста, смирена, убава љубов што потоа се валка – вели Деан.
Главниот лик во претставата го толкува Атанас Атанасовски.
– В понделник ќе видите отоврен меч со многу шанси, но со трилер-завршница – рече со фудбалски жаргон Атанасовски.
Кореограф е Русинката Елена Прокопева, која првпат соработува со актерите од Театар Комедија, но веќе соработувала со режисерот Пројковски. Во претставата игра целиот ансамбл на Театар Комедија: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски, Ердоан Маскут, Зорица Нушева, Нина Деан, Драгана Левенска и Ева Скендеровска.
Како што најавија од Театар Комедија, „Многу врева за ништо“ ќе има и скопска премиера, во матичниот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


