| четврток, 6 декември 2018 |

Магична технологија

Budimka-Popovska-2_90x115

Будимка Поповска

Или е магична или е техно.

Магија во среден век и магија во 21 век: разликата е во тоа што тогаш си можел да бидеш запален на клада, а денес за истото тоа добиваш плата.

Техника пред нашата ера и денес. Исто е. Занаетот може да го научи секој, но тоа е само занает.

Магија е кога без потребните средства остваруваш завиден успех. Наполеон Хил ова го сместил во една проста реченица со два глагола: Мисли и збогати се.

Магија е кога занаетот ти е покритие за триковите.

Магија е од сонцето да правиш дожд, а од дождот сонце. Ако не си бог, за тоа ќе ти биде потребно многу време поминато во лабораторија и многу неуспешни експерименти. И многу трпение коешто некои го дефинираат како „климатски промени“.

Техника е да ги прогнозираш временските услови со помош на сателитски снимки.

Магија е да ја освоиш саканата со обичен букет цвеќе.

Техника е цвеќето да ѝ го пратиш по пошта. Ако живее на другиот крај на светот, уште подобро.

Најголемата магија се состои во можноста да управуваш со светот на сопствените мисли. Никој не знае каде е границата меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Магија е кога ја откриваш оваа граница и со помош на една мисла можеш да создаваш светови.

Магија е кога ќе се сетиш дека можеш да ги одбираш мислите. Твојот мозок станува магична направа кога низ него се вртат мислите што ги одбираш со магично стапче. Тоа стапче во некои култури го нарекуваат „збор“.

Со помош на одбрани мисли можеш да ја постигнеш посакуваната цел.

Тоа што мислиш, тоа се случува. Нема поголема уметност од тоа да живееш свесно.

Треба само да научиш да мислиш, да го мислиш тоа што го сакаш. Да научиш да правиш разлика за да можеш во мигот кога ќе биде потребно да знаеш да одбереш.

Тоа учење е магично. Дејствува како превентива во ситуации коишто не можеш да ги предвидиш.

Да речеме, уште пред да ја сфатиш причинско-последичната врска меѓу внатре и надвор, надворешниот свет може да стане одраз на мислите што можеби против твојата волја ти се врткале низ матрицата на умот. Тоа е единственото логично објаснување за феноменот на несаканите сценарија или како животот и против твојата волја може да тргне во насока којашто не ти се допаѓа. И милионите страници испишани со рецепти и формули како да го најдеш излезот од лавиринтот. Откако ќе утврдиш дека сакаш по која било цена да излезеш од местото на кое во еден миг си се разбудил… сфаќајќи дека во миг на невнимание, некој подметнал чудно јајце во гнездото на твојата фантазија. И тоа што подоцна се изродило не е твојата изворна замисла.

Добрата вест е што единственото слободно нешто во овој универзум на прелиминарни договори и условни рефлекси е човековата волја. Таа работи на погонот на љубовта. Најголемата магија на светот.

Кој ја знае тајната на љубовта, може сè.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top