Проблемите со кои се судрува проектот за гасоводот „Јужен тек“ имаат јасно политички карактер, изјави поранешниот бугарски претседател Георги Прванов во ексклузивното интервју за ИТАР-ТАСС.
Прванов истакнаува дека „Јужен тек“ е економски погоден, дава гаранции за безбедноста на бугарската енергетика, позитивно се одразува врз социјалната сфера и на Бугарија и на сите други земји-членки на ЕУ им дава дополнителни гаранции во најширока смисла на зборот.
Затоа, според него, проектот барал од бугарската влада да покаже карактер, како што направија некои други земји.
– Наместо тоа, сосема неочакувано прозвучи изјавата на бугарскиот премиер Пламен Орешарски дека наредил „Јужен тек“ да се запре – продолжи Прванов.
– Очигледно е дека Бугарија станува заложник во геостратегиските игри – додава тој.
Поранешниот бугарски претседател изразува неразбирање за позицијата на луѓето од раководството на ЕУ кои изјавија дека додека Русија и Украина не ги расчистат меѓусебните недоразбирања, од „Јужен тек“ нема ништо.
– Зошто, меѓутоа, никој не го постави прашањето за „Северен тек“? Нели, штом има северен гасовод, треба да има и јужен – вели тој.
Бугарскиот политичар е убеден дека неговата земја има потреба од моќен енергетски капацитет, што не ќе може целосно да се развива без проекти за изградба на гасоводи, од кои, според него, најперспективен е „Јужен тек“.
– Бугарија може да биде достоен партнер во рамки на ЕУ и истовремено да одржува добри односи со Русија – смета Георги Прванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



