На 24 април бугарскиот министер за енергија, Драгомир Стојнев, се сретна со европскиот комесар за енергетика, Гинтер Јотингер, во врска со иднината на гасоводот „Јужен тек“, но и двете страни направија радикално различни интерпретации на средбата, коментира EurActiv.
Пред бугарските новинари, Стојнев изјавил дека „Јужен тек“ нема да биде сопрен и ги отфрлил повиците на Европскиот парламент за замрзнување на проектот. Поради украинската криза, Европскиот парламент зазеде став дека „Јужен тек“ не треба да биде изграден, а ЕУ треба да купува гас од другите снабдувачи, не од Русија. Стојнев, исто така, истакнал дека изградбата на бугарскиот дел од гасоводот ќе почне во јуни.
Објаснувањата на министерот, сепак, не беа поддржани од Европската комисија (ЕК), а портпаролот на Јотингер, Сабине Бергер, изјавила дека Комисијата е загрижена од амандманите во бугарскиот закон за енергетиката, кој го изоставува гасоводот од дофатот на акција на Третиот енергетски пакет на ЕУ. Бергер истакнала дека европската институција е вознемирена од Меѓувладината спогодба меѓу Бугарија и Русија за „Јужен тек“, бидејќи ЕК смета дека таа е во спротивност со европските закони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.