Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, Јелко Кацин изјави денеска дека гасоводот „Јужен поток“ претставува голем потенцијал за регионот, но предупреди дека неговата изградба ќе зависи од одлуката, која Европската унија ќе ја донесе врз основа на развојот на случувањата во Украина, односно однесувањето на Русија, пишува „Дневник“.
Кацин по усвојувањето на резолуцијата во ЕП за воведување санкции против руските енергетски компании и прекин на изградбата на „Јужен поток“, за Танјуг изјави дека тоа е пред се препорака врз основа на која конечната одлука ќе ја донесе Советот на ЕУ во зависност од развојот на настаните следните денови.
Шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ, според него, се подготвени да одговорат на секоја следна провокација на Русија.
Кацин нагласи дека ќе треба да се земат предвид и изборите за ЕП на 25 мај, како и престојните претседателски избори во Украина, бидејќи, тоа, како што рече, се два процеси, кои ќе имаат влијание врз развојот на настаните во источна Украина, како и врз односите меѓу ЕУ и Русија.
– Советот ќе донесе одлука во моментот кога ќе оцени дека е потребно. Сето тоа се мошне јасни и одлучни политички пораки до Москва, рече тој.
Говорејќи за препораката на ЕП да се спречи изградбата на „Јужен поток“, Кацин потсети дека таа потекна од Словенија, преку која исто така треба да мине тој гасовод.
– „Јужен поток“ секако е една економска можност со голем потенцијал, како и мрежа за снабдување со енергенси, но реализацијата на сето тоа зависи од тоа каква стратегија за енергетската сфера ќе усвои ЕУ на есен оваа година, изјави Кацин.
– Доколку Москва продолжи со процесот на дестабилизација на Украина, тоа е мошне јасна порака дека ние мораме да го диверзифицираме своето снабдување, оцени Кацин, додавајќи дека во тој случај е потребно да се обезбеди капацитет за снабдување со гас од повеќе места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.