Неуспехот на обидот за дијалог помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев разбуди задоволство кај Грците, а се чини и дека со радост ваквата информација ја примија Героски, Фрчковски и Милчин, пишува „Курир“.
Овие луѓе кои важат за блиски до СДСМ и чии ставови го обликуваат дејствувањето на опозицијата веќе подолго време отворено заговараат бојкот и договор за техничка Влада.
-Мора да се направи договор за техничка влада. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да се договорат кои партии ќе учествуваат во таа нова влада и како ќе се распределат ресорите. Притоа, според моето мислење, а тоа се гледа и од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, има неколку министерства кои апсолутно мора да ѝ припаднат на опозицијата, за да се елиминира можноста за вршење притисок врз изборниот процес. Тоа се, пред сѐ, ресорите внатрешни работи и финансии – изјави Фрчкоски во интервју за „Слободен печат“.
Она што тие го сакаат е доаѓање на власт, но без избори.
– Јас мислам дека кај нас непотребно се мешаат термините техничка и концентрациона влада. Суштината е во тоа Македонија да добие преодна влада која ќе ги реши крупните политички проблеми и која ќе ги подготви следните, по долго време први фер и слободни избори. Таа влада мора да добие поддршка од сите парламентарни партии. Во таа смисла, таа мора да биде политичка. Од друга страна, таа влада изборите ќе ги подготвува и во изборниот период ќе се однесува со капацитет на техничка влада – напиша Героски на „Плусинфо“.
Техничката Влада остана став на Заев и за време на денешната средба со премиерот, а токму тоа е причината за неуспехот и непостигнувањето на договор. Затоа и политичарите и медиумите блиски до него алудираат дека треба на ваков начин СДСМ да дојде на власт иако губи голем број изборни циклуси по ред.
Но, лидерот на СДСМ и на овој начин, како и со одлуката да ги остави празни опозициските столчиња во парламентот, и нанесува штета на Македонија.
Се чини дека целта на лидерот на опозицијата е да купи време се до есенскиот извештај на ЕК и на овој начин да предизвика состојба штетна за нашата држава.
Купувањето на време е основен начин на заведување на членството и отргнување на вниманието од вистинските проблеми на СДСМ.Во нивните редови одамна владее хаос и раздор, а тоа се потврди и со последниот случај кога Грчева и Топузова беа прогласени за непријатели бидејќи ги прифатија пратеничките мандати доделени од граѓаните.
Статус кво ситуацијата им одговара најмногу на оние кои заговараат отворен бојкот во земјава, како и на Грците кои тоа ќе го користат за аргумент во дебатата против Македонија и попречување на нејзините интеграции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.