| четврток, 6 декември 2018 |

Утре средба Груевски – Заев, иднината е да се затворат прашањата што ѝ прават штета на државата

Gruevski-zaev-1

За утре е закажана средбата која треба да го означи почетокот на разговорите меѓу власта и опозицијата за надминување на политичката криза во која влезе земјава, откако СДСМ и коалициските партнери решија да не ги признаат изборите и да поднесат оставки во Собранието. И двете страни стартуваат од дијаметрално спротивни позиции.

За опозицијата клучно барање е формирање на техничка влада која што ќе ги организира наредните избори. Заев ќе бара и нови измени во Изборниот закон како и правична застапеност во медиумите, пред се на јавниот сервис. Опозицијата ќе инсистира на имплементација на препораките на ОБСЕ дадени по изборите.

Во ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да откриваат детали. И премиерот Груевски во вчерашното интервју за МТВ рече дека не сака да коментира пред да почнат разговорите за да не влијае врз нив.

„Не би сакал однапред да кажам што е прифатливо, а што не е прифатливо, не би сакал со ова интервју да ги убијам тие разговори кои што следуваат, мислам дека разговорите ќе почнат во вторник и би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да затворат овие проблеми со коишто се соочуваме, коишто дојдоа после некои неразумни одлуки на опозицијата, да не навлегувам во тоа, мислам дека доволно беше кажано во изминатиот период околу мотивите зошто СДСМ и нивниот претседател излезе на таков начин во јавноста, сега повеќе би се задржал на иднината а иднината е да се затворат прашањата коишто и прават штета на државата“ –  истакна Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top