На сцената во Македонската опера и балет в петок ќе се изведе премиера на оперската претстава „Атила“ од Џузепе Верди. Почетокот е во 20 часот, а првата реприза е закажана за вторник, 5-ти март.
Со оваа премиера МОБ одбележува 200 години од раѓањето на композиторот.
Претставата е во копродукција со Народно позориште од Белград – Србија.
Операта „Атила“ е во три чина. Нејзината светска премиера е изведена на 17 март 1846 година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција.
Диригент на претставата ќе биде Алесандро Д’Агостини од Италија, режијата е на Дејан Миладиновиќ од Србија, асистент на режија Трајко Јордановски, сценографија на Александар Златовиќ од Србија, костимографија на Миланка Берберовиќ од Србија, кореографијата е на Олга Панго, концерт мајстор Верица Ламбевска, асистент хор мајстор Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓоргеска, корепетитори на претставата Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева и Андреја Наунов.
Улогата на Атила ќе ја толкува Иван Томашев (бас) од Србија, негова алтернација е Владимир Саздовски. Како Ецио ќе настапи Борис Трајанов (баритон), а алтернации се Ристе Велков, Марјан Јованоски. Улогата на Одабела е Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), а алтернација е Oлгица Милевска, додека ликот на Форесто ќе го интерпретира Ѓорѓи Цуцковски (тенор), со Зоран Сотиров како алтернација.
Улогата на Улдино е на Дејан Стоев (тенор), со Зоран Даскаловски како алтернација, додека Леоне е Славчо Димовски (баритон), со Диме Петров како алтернација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.