По којзнае кој пат Македонија покажа дека со оваа политичка гарнитура во опозицијата, без вклучување странскиот фактор, политичкиот дијалог е тешко изводлив. Иако со недели и претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието Трајко Вељановски и премиерот Никола Груевски, кој предложи и специјален план, го повикуваа лидерот на опозицијата да седне на маса за да се разговара, дијалогот почна дури по интервенција на странците.
Откако првиот човек на Собранието ја одложи седницата на која требаше да бидат верификувани оставките на пратениците на СДСМ и со тоа даде време за надминување на кризата, Заев, по консултации со европски претставници, ја прифати поканата на Груевски да седнат на кафе и очи в очи да се договорат што ќе направат за да се спаси позитивниот извештај и препораката за преговори од Брисел. Целосниот излез од политичката криза по бојкотот на Собранието е сѐ уште далеку, особено што опозицијата поканата на Груевски ја толкува како попуштање на владата пред притисокот од СДСМ за техничка влада, нешто што ВМРО–ДПМНЕ, која има речиси чист четиригодишен мандат пред себе, тешко може да го прифати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.