Повеќето грчки медиуми, меѓу кои и „Катимерини“ и „То Вима“, информираат за гласањето доверба на новата македонска влада, јави дописникот на МИА од Атина.
Весниците пишуваат дека изгласаната доверба за Владата на Никола Груевски била очекувана, и информираат дека за новиот кабинет гласале 77 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, додека шест пратеници од опозициската Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи гласале против.
Во Грција се потсетува дека членовите на опозициската коалиција, предводена од Социјалдемократскиот сојуз сојуз (СДСМ) на Зоран Заев, не учествуваа во дебатата и гласањето во Парламентот и оти не ги признаваат резултатите од парламентарните избори одржани на 27 април.
„Дебатата и гласањето во Парламентот за доверба на новата влада на Никола Груевски траеjа само неколку часа“, пишува „Катимерини“.
Грчките медиуми информираат дека новата влада на Македонија има 22 министри од кои седум се без ресор и три потпретседатели. Тие нагласуваат дека во новата влада нема значајни промени во споредба со претходната, додавајќи дека Никола Попоски останува министер за надворешни работи, а на истата функција – министер за финансии е и Зоран Ставрески.
Грците уште издвојуваат и дека нов министрер за одбрана е досегашниот македонски амбасадор во САД и претставник на земјата во преговорите за прашањето на името, Зоран Јолевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.