| четврток, 6 декември 2018 |

Конференција за развој на рурален туризам

ruralen_turizam
Развој на регионалниот рурален туризам преку создавање балкански бренд, стратегија за заеднички настап и меѓусебна поддршка е целта на
конференцијата што денеска ја организираат Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) и Фондацијата Центар за жени претприемачи.
Предвидено е присуство на преку 60 практичари, истражувачи, едукатори, претставници на владини институции и невладини организации од целиот регион на ЦЕИ, ангажирани во областа на зајакнување на претприемништвото и развој на руралниот туризам.
Излагања ќе имаат учесници од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, БиХ, Унгарија и Италија. Акцент ќе биде ставен на поттикнување на претприемништвото и на улогата на жените во развојот на руралниот туризам. Официјалниот дел ќе заврши со потпишување меморандум за соработка.
Конференцијата е поддржана од Федерацијата на фармери, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Општина Гази Баба, Општина Демир Капија, Македонија 2025, Македонска мрежа на ментори и Клуб Жени за жените. Учесниците ќе имаат можност, за време на престојот во Скопје, да ги посетат етно селото Нерези, кањонот Матка, манастирот Пантелејмон и националниот ресторан Чардак каде ќе дегустираат вино и домашни специјалитети.
Руралниот туризам зазема значајно место во ставката на бруто домашниот приход на ЕУ. Од вкупно 650 милијарди евра приходи од туризмот, 150 милијарди евра се директно од руралниот туризам кој во земјите на ЕУ има создадено 900.000 директни и индиректни работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top