| четврток, 6 декември 2018 |

Експерти од регионот ќе дискутираат за проблемите во образованието на возрасни

На 25 октомври (среда) со почеток во 11 часот, по трет пат ќе се одржи конференцијата „Градиме мостови во образованието на возрасни“ во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје. Настанот е стручна конференција која се организира со цел да се состанат експертите кои работат во полето на образованието на возрасни во регионот на Југоисточна Европа.
На форумот ќе се соберат 120 експерти од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија, Словенија и Црна Гора со цел размена на мислења, искуства и добри практики како и креирање заеднички пристап во решавањето на предизвиците и актуелните проблеми во полето на образованието на возрасните.

Во Република Македонија, согласно статистиките, само три отсто од возрасното население (над возраст од 15 години) се вклучува во програми за образование. Процентите во земјите од ЕУ, се далеку повисоки.
Преку неформалното образование на возрасни, секој поединец може да се доусовршува, пре- и доквалификува и со тоа да ја зголемува својата конкурентност на пазарот на труд. Од друга страна пак, на пазарот на труд му е неопходна брза продукција на квалификуван кадар во согласност со тековните потреби. Образованието на возрасни во тој контекст е одлична алатка за градење на капацитетите на невработените и за нивно оспособување за влез на пазарот на труд и борба против невработеноста.
Домаќин на конференцијата ќе биде невладината организација „Центар за доживотно учење“ од Скопје во партнерство со Јавната Установа „Центар за образование на возрасните“ под покровителство на Министерството за образование и наука на Република Македонија, а ќе биде финансиски поддржана од ДВВ Интернационал од Бон со средства на Сојузното Министерство за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top