Состојбите што го следат формирањето на новата извршна власт во Македонија покажаа дека во албанскиот кампус во земјава веќе нема терен за национализам и за радикализам. Тоа кон што е вперено вниманието е економијата и благосостојбата. Би се рекло, се изедначија потребите и очекувањата на двата блока во, условно, рамковната Македонија.
Но, оттука и идеите што кружат во јавноста, а кои со „Република“ ги споделија соговорниците – дека сѐ поголем број образувани интелектуалци, македонски Албанци, би се приклучиле во ВМРО- ДПМНЕ. Кога целата изјава авторот на овие редови ја дочека на шега, набрзо беше прекинат.
– Зошто? Колку брзо се менуваат работите во ВМРО-ДПМНЕ, колкумина се сменија по функции, колку нови ликови добија можност да се покажат? А, од другата страна, колку години министеруваат Фатмир Бесими или Муса Џафери? – ме затече со прашања долгогодишниот политиколог- аналитичар. Побара да биде анонимен, не плашејќи се од изјавата, туку затоа што сѐ уште ја испитува „работата на терен“.
Но, што се однесува до состојбите во албанскиот кампус за тоа дали остана опозиција во Македонија – молк. Ниту тој, ниту многумина други не сакаа да се впуштат во анализа за евентуални прогнози за резултатот од тројката ВМРО- ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, или, пак, колку може ПДП или НДП да бидат сериозна опозициска „конкуренција“.
Молк од партиите, молк од аналитичарите
ДУИ освои мнозинство од гласовите на Албанците и повторно учествува во власта. ДПА го зеде преостанатиот колач. Влез во македонскиот парламент освои и лидерот на Националната демократска преродба, Руфи Османи. До тука сѐ изгледаше нормално и во рамки на очекувањата. Но, тоа што следуваше веќе цел месец ги замолкна и партиските извори, но и чаршијата. Османи се повлече од парламентот, се повлече и од партијата заедно со раководството.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, пак, порача дека нема намера да ја остави челната партиска позиција и влезе во отворена борба со струшкиот градоначалник Зијадин Села, кој отворено го побара тоа од него. Но тоа што даде печат на овие избори е изјавата на Тачи дека разговарал за учество во власта и за поддршка за владата дури и во случај да не учествува во неа. И оттогаш – молк.
– Чудни релации завладеаја во албанскиот блок, сега се затворија сите што информираа, никој не знае кој што договара или договорил. Оваа состојба се надоврза на ракоплескањето на Имер Селмани, некогашниот голем критичар на ДУИ, на говор на Али Ахмети за време на митинзите – вели еден аналитичар за „Република“, кој побара анонимност.
– Според извори од партијата, ДПА веќе добила три директорски места. Така, албанскиот блок нема опозиција. Тоа што го имаше Османи, 20-ина илјади гласови, сега ќе заминат на сметката на ДУИ. Од ПДП нема ништо – вели еден новинар-уредник на еден од интернет-порталите на албански јазик. Но дали има некаква реакција во „чаршијата“, колку јавноста очекуваше ваква разврска?
– Нема никаква дебата, никој не прашува, никој не се чуди. Можеби за тоа влијае и недостигот од информации. Никој не знае до каде е со владата, дали, навистина, ДПА е „толкав играч“. Од ДУИ знаат само преговарачите Муса Џафери и Али Ахмети. Дури и министри, актуелни и поранешни, ги користат врските во медиумите за да се информираат до каде е процесот – вели уредникот на портал на албански јазик.
Фами Бајрами, пак, уредникот на порталот „Журнал“, посочува дека молкот може да се должи и на конгресот на ДУИ од каде што, како што вели, се очекуваат промени или ротации и нови имиња за министрите. Тој, пак, вели дека иако Тачи може да добие позиции во новата власт, јавноста, односно електоратот, многу повеќе очекува од ДУИ, која понуди повеќе од 1.300 проекти.
– ДПА може да добие некои позиции од ВМРО- ДПМНЕ. Електоратот не очекува ДУИ да отстапи дел од своите позициите или ресори за ДПА – анализира Бајрами.
Всушност, се посочува дека Тачи ќе ги добие местата, кои, според функцијата, имаат соработка со претседателот на државата, откако ДУИ најави дека не ја признава легитимноста на Иванов.
Останаа ли Албанците во Македонија без опозиција
Тачи има тесна соработка со ВМРО- ДПМНЕ, тоа го покажа и за време со предизборието и со изјавите потоа, посочуваат аналитичарите. Лидерот по изборите лоцираше три непријатели на ДПА – сопартиецот Села, потоа СДСМ, кој во неколку наврати јавно го дискредитираше, но и партијата ДУИ. Но дали со поддршката на власта Албанците во Македонија останаа без опозиција?
Селадин Џезаири, новинар и аналитичар, посочи дека иако на политичката сцена во албанскиот кампус во Македонија функционираат повеќе партии, ниту опцијата на Османи, ниту, пак, ПДП може да се сметаат за поконкретна опозиција, односно да се наметнат како опозициски блок, кој би ги загрозил позициите на ДУИ и на ДПА на следни избори.
Но, тоа не значи дека во албанскиот блок нема да има опозиција. Иако засега се молчи, никој од аналитичарите не очекува ДУИ и ДПА да не се конфронтираат. Ќе продолжат со меѓусебната борба за превласт над албанскиот електорат, но, од друга страна, ќе тече соработката со ВМРО-ДПМНЕ.
За Бајрами, очекувано, во застој се полемиките и префрлањата, односно дебатата меѓу ДУИ и ДПА, која беше нагласена за време на кампањата. Всушност, Бајрами очекува да се вратат со почеток на работата на Собранието, па и при јавното свртување на ДПА кон власта. Дури, додава дека таквото свртување може да биде адут за ДУИ.
– ДУИ тоа може да го искористи како инструмент за напаѓање на ДПА затоа што Тачи ја нема легитимноста кај Албанците, па да ја категоризира како „филијала“ на ВМРО-ДПМНЕ – потсетува Бајрами повикувајќи се на предизборното ветување на Тачи дека макар и со еден пратеник, ДПА ќе биде во власта.
ДПА меѓу Тачи и Села
Дополнителен момент на политичката сцена меѓу македонските Албанци е конфликтот меѓу лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и градоначалникот на Струга, Зијадин Села. Некогашниот близок соработник на Тачи побара смена на Тачи поради изборните резултати, но и поради гласовите на претседателските избори. Села сега работи на обезбедување поддршка во партиските редови, велат познавачите. Но тоа му оди тешко бидејќи ако ја има поддршката од струшкиот разгранок, му недостига поддршка од другите разграноци, кои би се свртеле против Тачи.
-Тој ќе стори сѐ за да ја преземе партијата. Ако Тачи влезе во власта ќе игра на опозициска карта – велат аналитичарите повикувајќи се на изјавите на Села за едно телевизиско интервју.
Но, во своите настапи Села заигра на радикалната карта. Дури и неговото појавување меѓу тие што протестираа во Скопје поради случувањата во скопско Радишани, било во функција на маркетинг.
– А кого познава Села до толку во Скопје за да биде организатор на протести, па и во толку мал број? – посочуваат познавачите.
Радикализација, каква што посочува Села наведувајќи консензуална демократија, федерализација, кантонизација, па и поделба на Македонија, воопшто не е „филмот“ меѓу Албанците во чијшто фокус се економијата и благосостојбата. Тој со тоа сака да ги придобие гласачите на ДПА, но ако тоа не му успее, битката за освојување на ДПА му е однапред загубена, велат аналитичарите.
-Тачи досега се покажа како лидер на гласачите на ДПА. Таа бројка не е мала, 60 до 70 илјади – вели Џезаири. Во однос на радикалните ставови на Села упатени преку телевизиско интервју, тој вели дека нема плодна почва за тоа и е скептик дека Села ќе успее да го преземе кормилото на ДПА од рацете на Тачи.
Уредникот на „Журнал“, пак, додава колку, всушност, е моќен Мендух Тачи.
– Колку е силен Тачи покажа кога го истера Села од партијата среде кампања, со што жртвуваше еден пратеник од петата изборна единица. За поздравување е храброста на Села да му отвори фронт на Тачи, но се плашам дека ќе заврши како поранешните сопартијци Имер Селмани, Бардуљ Махмути, Алајдин Демири или, пак, Сулејман Рушити – додава Бајрами за „Република“.
Економија преку свежи идеи
Веројатно во овој кус преглед на состојбите во албанскиот политички блок лежат идеите Албанци интелектуалци да „влезат“ во ВМРО-ДПМНЕ. Ако се вели дека се чека конгресот на ДУИ за ротација на досегашните министри од едно на друго место; ако се учествува во власт, а не се признава претседателот на државата; ако за лидерот на втората по големина партија се вели дека е моќен да исклучува сопартијци без преиспитување од партиските органи; или, пак, ако власта и опозицијата од албанскиот блок соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ, а меѓусебно се опозиција; а на сето тоа опцијата е радикализам – тогаш и за очекување е што Албанците интелектуалци политичките амбиции и очекувања за подобра економско-социјална положба би ги барале преку ВМРО-ДПМНЕ.
Или, како што опиша соговорникот на „Република“: Колку брзо се менуваат работите во ВМРО- ДПМНЕ, колкумина се сменија по функции, колку нови ликови добија можност да се покажат? А, од другата страна, колку години министеруваат Фатмир Бесими или Муса Џафери?
Пишува: Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.