
Македонската ракометна репрезентација докажа дека е голема пречка за грчкиот национален тим кој по вчерашниот пораз во Скопје дефинитивно нема да учествува на Светското ракометно првенство што ќе се одржи во 2015 во Катар.
Под наслови „Пораз и исклучување на националниот тим“, грчките медиуми јавуваат за вчерашниот ракометен натпревар во кој Македонија ја порази Грција со 35 наспроти 23.
Медиумите коментираат дека „сино-белите“ не можеа да го издржат притисокот на домаќините и оти играта беше дефинитивно добра лекција особено за помладите спортисти кои наредните години на својот грб ќе ја носат грчката репрезентација.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во Грција се истакнува дека салата „Борис Трајковски“ била преполна со навивачи и оти грчките ракометари направиле многу грешки во играта по што поразот бил неизбежен.
Како интересен се издвојува и податокот што грчката репрезентација, по влезот во Македонија, била придружувана од две полициски патроли, хотелот во кој престојувале ракометарите бил под 24-часовен полициски назор, а тие биле придружувани од полицајци и за време на нивната утринска прошетка низ градот.
За Грците е важно и тоа што нивните играчи биле обезбедувани и за време на тренингот и тоа што македонската полиција затворила две улици со цел автобусот со репрезентација побрзо да стигне до салата. Спортските магазини исто така додаваат дека во салата за време на натпреварот имало 500 полицајци и 200 припадници на обезбедување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


