По повеќе од 40 дена од страшниот, барем за нив, пораз на изборите, социјалдемократите, конечно, собраа храброст да соопштат кој е нивниот одговор на сопствениот дебакл, вообразен во божемната кражба на гласови, која ниту самите не можат да ја образложат, а ниту, пак, се обидоа во тоа. Живеејќи во облаците на Бихаќка (која е на падините на фамозното скопско Водно) сѐ што смисли СДСМ во овие 40 денови или цели 1.120 часа од дебаклот на изборите е влада во сенка?! Многумина би коментирале и дека не смислиле многу или, пак, дека воопшто и не се намачиле во користењето на сивите ќелии. Шегобијците, пак, ќе речат дека овој чекор сосема одговара на елитистичката улога што ја игра СДСМ – токму „Илуминати“ се основата на прикаската за светската влада во сенка, група елитисти што владеат со светот и ги раководат овците, т.е. граѓаните. Другите ќе решат дека ова е само неостварливата желба со која дел од лицата на Бихаќка се родени или, за жал, израснати и воспитани…
Реалните очекувања од оваа влада во сенка се предвидливи – секогаш кога вистинската власт (која социјалдемократите не можат да ја освојат веќе цели осум години или неверојатни четири изборни циклуси, а ако се вратиме во времето – никогаш фер и не ја освоиле т.е. – 1991 година– техничка влада со реална победа на ВМРО-ДПМНЕ, 1994 година– победа без учество на ВМРО-ДПМНЕ и 2002 година – „победа“ по конфликтот или казна за ВМРО-ДПМНЕ) ќе излезе со проекти и статистика, СДСМ ќе напаѓа со нивни бројки од фингираните аналитички центри, кои секоја одлука на владата ќе ја толкуваат како погрешна темелејќи се на „сопствени“ извори и аналитика. Светските искуства со т.н. влада во сенка покажуваат дека ова е постојаната, но и погрешна практика на овие опозициски тела, кои ги користат сите можни начини, најчесто неверодостојни, за да ѝ докажат на јавноста, а во што ретко успеваат, дека актуелната влада, каде и да е, прави сериозни грешки во својата работа.
Најдобар приказ на нецелисходноста на оваа активност на опозицијата се САД, каде што безброј пати, токму невладините организации и независните стручњаци се вклучија во анализа на податоците лиферувани од владата во сенка за да ѝ докажат на јавноста дека владината статистика е подобра од таа на партијата, која сака да се врати на власт. „Ако козата лаже, рогот не лаже“ – тоа е таа стара поговорка, која на англиски гласи поинаку,но со иста поента и која ја нагласува потребата на партијата која не е на власт, туку цели кон неа – да ги искривува бројките. Целта е секогаш иста, дали се работело за САД, Франција, Холандија, Бангладеш или Ангола – враќање или добивање на владејачката фотелја.
Светската практика не застанува овде. Имитацијата на дејствувањето на опозициските партии продолжува и во други сфери. Како и секаде, така и во Македонија, опозицијата не поднесува критика, особено од сопствените редови. За „другите“ тоа одамна е непобитен факт. Веќе одамна, секој, макар и најмек збор против опозицијата, па дури и најдобронамерна критика на нивните чекори ви носи инстант-ореол на „провладин“ медиум и новинар. Небаре чепкате во духовноста на некој светец, затоа што, очигледно, на Бихаќка сите се безгрешни, а најверојатно така се и зачнати…
Демистифакација на „револуцијата“ од сопствените редови

Вистинскиот проблем настана откако дел од опозициските аналитичари, а многумина од нив останаа без работа и ангажман токму поради вакви или слични „богохулни“ мисли за Бихаќка, не издржаа и јавно кажаа дека дејствувањето на опозицијата е премногу проѕирно и дека за вистинска „револуција“ мотивите на врхушката на СДСМ треба да бидат поинакви, а не како сегашните – гола борба за власт со ниски и исплатливи, приземни желби за исполнување на личните аспирации за правење пари. Демистификацијата на „револуцијата“ дојде токму од вистинските левичари, кои не можеа да ги „сварат“ своите лидери, обелоденети во класични бизнисмени, овенчани со славата на аболицирани „тендерџии“ и корисници на „солени“ кирии без образложение, па така останаа и без егзистенција… Нејсе, што ако ова се случеше во кој било „провладин“ медиум, ќе следуваа осуди од сите „независни“ портали, телевизии, весници и кој веќе не, а, најверојатно, и, по правило, немаше да помине и без неизбежната Дуња Мијатовиќ, која остро ќе го осудеше тој бескрупулозен и бесрамен чин. За разлика од другите медиуми, во случајот на „независните“ новинари и колумнисти што губат работа, тоа не се случува, затоа што, очигледно, „провладините“ медиуми не ги алармираат странските „чувари“ или, едноставно, сметаат дека тоа треба да се среди во сопствената држава и фела или, пак, поверојатно и едноставно – ги немаат телефонските броеви на странските делители на правдата, кои и така, и кога би се обиделе да ги добијат – би биле зафатени од страна на „независните“… Приказната е едноставна, исто како и матичната им партија и т.н. „независни“ новинари секогаш се „крстат“ во големиот брат, кој на мала врата ги протура нивните приземни жалби и поплаки. Меѓународната интервенција, очигледно, одамна излезе од рамките на Фрчковите желби и стана нечија навика и потреба…
Образложението е едноставно – доколку сте „роден“ левичар и со вистинска доза на емпатија се борите за правата на сограѓаните, не можете, а да не приговорите на баснословните суми што ги „врти“ вашиот лидер или, пак, на киријата на неговата „десна рака“ (макар била и женска), која е речиси двојно поголема од просечната годишна плата во државата.
Толку за револуционерите, или оние малкумина што, навистина, живеат со идеологијата на левицата, а кои, според случувањата на Бихаќка, се бројат на прсти, и кои, според последните случувања, се неподобни за жители на оваа скопска елитистичка уличка. Ним, едноставно, им останува само едно – да си најдат посоодветна или нова партија, каде што ќе можат да ја практикуваат својата политичка определба и идеологија или, као втора опција, како разочарани левичари да продолжат по линијата на раководството, што претпочита дека ќе мораат да ги остават или, подобро кажано – длабоко да ги закопаат своите убедувања и да го следат патот на парите, единствениот интерес на актуелните двигатели на дејствата на Бихаќка.
Апанажата стана револуционерен идеал за враќање отпорнички кредити

Во меѓувреме, македонската јавност е во исчекување на следниот потег на опозицијата, кој и да е, но и на една конкретна активност на новите „отпорници“, кои се најдоа на пратеничките листи за, навидум, доблесно да се откажат од нив. Според едната прикаска, тие се согласиле да бидат дел од овие листи со едноставно условување – следниот пат повторно, неизбежно и безусловно да бидат дел од добитното семејството во партијата. Според другата сторија, пак, тие без да знаат дека ќе бидат само жртвени јагниња на раководството, земале и кредити за да ја финансираат својата партија, убедени дека лесно ќе ги вратат вложените пет до десет илјади евра преку пратеничките пензии. Урбаните легенди, као што ги нарекуваат на Бихаќка, за „Република“ ги потврдија нивни кандидати од кичевскиот регион, кои останаа со кредит в банка, но без каса-прими од партијата за своето вложување. Математиката била едноставна, пет илјади евра се речиси три платенички плати, четири години, пак, носат над 70.000 евра. Проблемот настана со враќањето на мандатите, а неговото име е рата за кредит. Убедувањето не било лесно, но првите на листите „паднале“ на прикаската дека кога повторно ќе дојдат на власт ќе добијат многу, многу повеќе, а ви останува уште една опција, исто така, многу исплатлива, а се вика апанажа. Ќе ја добијат првите 33 кандидати, чијшто мандат беше верификуван, т.е. токму тие што се откажаа. Гледано во пари, сте се покриле за кредитот, настрана – со многу добра добивка или инвестиција…
Бламажата би била помала кога тие би се откажале од неа во истиот момент кога ги поднесоа оставките. А на врхушката ѝ требаше точно еден месец да ги убеди да го направат тоа. Но тоа, сепак, не се случи, времето за барање апанажа останува, а никој сѐ уште јавно и лично не се изјасни дека нема да ја побара. Освен Заев во нивно име, а тој, пак, не е пратеник. Не се „стави“ ниту на листата за да не го загуби мандатот, нели…
Пандов: Опозицијата ја очекува долго, топло лето…

Што со оваа „влада во сенка“, имајќи предвид дека ова е првата мерка што, воопшто, ја најавија, а за сите други активности, буквално, ја држат во неизвесност целата македонска јавност по речиси еден и пол месец од изборите? Дали е ова дел од чудната тактика на опозицијата или конкретен знак за „немање компас“ на Бихаќка? Според политичкиот аналитичар Александар Пандов, дејствувањето на раководството на СДСМ личи на капетан на брод што тоне и притоа ги уверува патниците дека е подобро да скокнат од спасувачките чамци за да пливаат до копното.
Пандов: Подолг период наназад политиката на СДСМ е ден за ден. Нивното немање идеја, концепт, програма, водењето на сосема погрешна кадровска политика, слабото и поделено раководство им се удри од глава преку изборниот дебакл на 27 април, на кој граѓаните јасно им кажаа дека не ја поддржуваат нивната политика. Кога помисливме дека заплетот завршува тука и дека ќе гледаме расплет на настаните, Заев нѐ изненади со одлуката да не ги признава изборните резултати, а како капак на сето тоа дојде и повлекувањето на пратениците од собранието!? Тоа ви е исто како капетан на заринкан брод да ги уверува патниците и екипажот дека за нив ќе биде подобро да скокнат од спасувачките чамци во океанот и пливајќи да дојдат до копно! Дел од прикаските што ќе им ги раскажува пливајќи е и „Влада во сенка“. Ако го тргнеме настрана податокот дека ќе се раскараат во поделбата на министерските места и ресори, потребно е да нагласиме дека во демократски и нормални партии таквите министри, по правило, се и пратеници и својата политика ја промовираат во парламентот. Како, каде и кому ќе му се обраќаат овие министри, претпоставувам само Заев си знае. Мислам дека таму уште долго ќе се занимаваат со сами себе. Не знам како може Заев да очекува да ги тргне од партиски позиции речиси сите што значеа нешто во таа партија и тие луѓе да седат мирно. Истите тие, ако Заев што поскоро не им најде некаков ангажман во партијата и форма за нивно идно политичко функционирање и дејствување, сигурен сум дека или ќе влезат во некоја од постојните опозициски партии или ќе направат нова и ќе бидат негови најголеми критизери, а воедно и на СДСМ. Да потсетам дека само пред три недели Бранко најдиректно посочи дека Зоран Заев нема капацитет да ја води СДСМ. Бидејќи за две недели завршува пролетта и почнува летото, за очекување е дека втора активност ќе им биде „Долго топло лето”.
И додека промовираат т.н. „борба“ со евентуалниот режим, диктатура и што ли не, нивните пратеници, кои ги вратија мандатите, сѐ уште не се откажаа од апанажата што им следува, претходните пратеници, пак, освен тројца, сите ја зедоа. Партијата ќе земе и 70.000 евра од ДИК за гласови на избори што не ги признава?! Колку е логично да се тера ваква „револуција“, буквално, со приходи од државата, „борба“ во која институциите не се признаваат, но се признаваат парите од неа?
Пандов: Секаде во светот, па и кај нас постојат два вида норми, правни и морални. Да појаснам, до пред некоја година во Македонија беше морална норма дека догорчето не треба да се фрла на земја. Кога државата видела дека таа норма, како морална, голем број на граѓани не ја почитуваат, донела закон и сега тоа е правна норма или ако некој граѓанин фрли догорче ќе плати 50 евра. За луѓето да ги почитуваат моралните норми, пред сѐ, треба да имаат образ и воспитание. На секој пушач му се случило во странство порано да фрли догорче на земја, но по неколку прекорни погледи од минувачите најмизерно да си се наведне да го подигне за да го фрли во најблиската канта. Или така прават тие што имаат образ и воспитание. Никој во Македонија нема предвидено дека некој најбесрамно, за тоа што народот му дал мандат да го работи четири години, нема да одработи ниту еден ден, а ќе зема по 1.000 евра народни пари во наредните шест или дванаесет месеци. Да потсетам, тоа не им следува автоматски, за апанажата тие ќе треба да одат во Собранието и своерачно да поднесат барање. Ни срам, ни перде. Моралот си го покажаа и поранешните пратеници. Та режим било, та тиранија било, а за неработење во наредните дванаесет месеци да земаат плата од по 1.000 евра е во ред?! СДСМ е партија во слободен пад така што воопшто не ме ни чуди однесувањето и на нејзините пратеници.
Послушноста на „кандидатите“ и употребата на големата лага, со „само“ 70 години задоцнување…
На главешините од Бихаќка не им успеа само со една либерал-демократка, која за разлика од другите, докрај ја истера прикаската за либерал-демократијата, слободоумноста и правото да прави и дејствува така како што чувстува и сака, што е и основата на ова убедување, за притоа да наиде на најостри осудувања од своите довчерашни сопартијци и коалиционери. Го натераа дури и нејзиниот лидер да ги проголта своите убедувања, иако, реално, тој во меѓувреме исчезна и го немаше никаде во нивната кампања, ниту, пак, на митингот во единствената „негова“ општина, која ја добија и на парламентарните избори.
Сега, топката е кај другите 86 кандидати на листите, кои треба да се убедат дека со отфрлањето на мандатот го прават вистинскиот чекор за партијата, нејсе што таа ги сместила на и така недобитни места. Само замислете да сте обичен декор на одредена листа, каква и да е, каде некој ве ставил за да глуми демократија, а вие притоа „глумите лудило“ и ги прифаќате одлуките на елитистичкото, максимално добро ситуирано раководство за следните пет генерации, ги примате без поговор нивните малициозни одлуки, притоа откажувајќи се од сигурна егзистенција во следните четири години?!
Неупатените во психологијата на СДСМ, можеби, ќе речат дека ова е тешка задача за Заев и за Шекеринска, но тие не знаат дека другата страна на прикаската или паричката ги оправдува очекувањата на врхушката. Пресметката на лидерите е многу едноставна, а потекнува од основата на кроењето на „новите“ листи со личности, кои ни оддалеку не ѝ беа познати на македонската јавност. Од самиот почеток, листите во опозициската партија и коалиција беа создавани според една, едноставна формула, која вели дека партиските маргиналци или тие што никогаш и не очекувале дека ќе бидат дел од парламентот, е многу лесно да ги убедите дека треба да се откажат, како и да ги излажете дека кога ќе ја добиете власта (макар и за 10 години) – ќе добијат многу, многу повеќе за својот ангажман или, подобро кажано – послушност кон партијата. Основата на прикаската е повторно психолошка и се базира на една стара вистина за „големата лага“ – која е толку голема што никој, никогаш и не би се осмелил да се посомнева во неа. Нејзината основа лежи токму во фашистичката идеологија, против која, демек, се борат овие револуционери.
За прикаската да биде уште подобра и поиндикативна, истата пропагандна машинерија или употребата на „големата лага“ беше искористена од Бихаќка уште во кампањата и тоа против најголемиот и најекспониран опонент со фингираниот случај „Македонска банка“, за која сега лидерот од скопската уличка со ексјугоносталгично име има околу 500.000 причини да се покае зошто ја кажал. Историски гледано, идеолог на оваа пропагандна творба, стара седум децении, но не и застарена во Македонија, е лидерот на Третиот рајх. Едноставно, ви се раѓа дилемата – кој користи фашистички методи во државата, власта или некој друг…
Пишува: Љупчо Цветановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



