| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Душан Пејчев во Музеј на град Скопје

Проектот во Музејот на град Скопје се реализира по повод Наградата „Борко Лазески“ која авторот ја доби во 2013 година.
Во договор со семејствота на Борко Лазески (кое на Музејот на град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958.) Музејот на град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа е младиот Душан Пејчев.
P5205618 [HD]
На својата прва самостојна изложба во Музејот на град Скопје Пејчев се претставува со пет дела во големи димензии кои го формираат неговиот проект насловен „Културен анималитет“. Интересот на младиот автор е окупиран од презентирањето на определена глетка (од неколку наши  институции од културата) која треба да биде реализирана како систем на различни фактури кои во делото ќе овозможат формирање на насочена вобрантна енергија. Големите формати и енергијата која од нив може да биде пренесена врз публиката упатува кон можниот светоглед на авторот кој своите дела сака да ги остварува како јавна уметност насочена кон публиката присутна во јавните простори.
P5205604 [HD]
За тоа Пејчев пишува:
„ Секој нагонски изблик е прашање за културата. Обликуваниот нагон е
присутен во културата. Тоа го правам и јас во сликата. Во ентериер како простор што е резултат на духовните и материјални вредности на човештвото, претставувам мали инстинктивни акти (некогаш културно неформирани) но често се и културно обликувани. Тие ситуации сакам да имаат функција на потсилувачи на доктрината на самата култура, наспроти културата произлезена од култура заради самата себе. (…)
Зошто дел од сликите се насликани на рекламна церада?
Таквиот материјал има популистичка димензија. Прилично е присутен во доменот на маркетингот и како таков претставува основа која има за цел да пренесе информација што на голем дел од популацијата треба да и се допадне или да информира за одредена услуга. Обично има претстави на она што луѓето сакаат да го видат или слушнат. Подлога каде се гаи културниот модел. По истекувањето на периодот предвиден за таа информација ја губи функцијата на рекламен материјал, но сеуште претставува поволна основа да држи информација за присутноста на одреден став, во мојот случај изразен преку сликарство. Тоа е тип на рециклажа во која подлогата сеуште има функција на носач на информација, меѓутоа наместо во екстериерот сега е дислоцирана во ентериерот на културна институција“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top