Македонија има иднина во модната индустрија. Тоа го докажаа младите идни модни дизајнери на вчерашната модна ревија по повод матурирањето на учениците на отсекот за Текстил и облека, во рамки на државното средно уметничко училиште Лазар Личеноски. Креативност, интересни идеи и неконвенционално размислување – се дел од впечатоците по вчерашната ревија. Истата беше инспирирана од белата боја и имаше за цел да претстави модели кои ќе треба да ги покажат идеите на учениците, наместо да се концентрираат на квалитетот на материјалите на изработка.

-Модната ревија не беше направена со цел да се направат модели кои би се продавале. Работејќи ја ревијата, сакавме од евтини материјали да ја претставиме фантазијата на учениците и да ги натераме да размислуваат „по лудо”. Едноставноста на избраниот материјал дозволи од него да направиме многу трансформации, а бидејќи одбравме да одиме повеќе на игра со форма, место презентација на текстилен квалитет, го добивме токму тоа што сакавме. Верувам дека ќе продолжиме и понатаму со оваа пракса на креирање на видлив финален производ со матурантите како мотивација за нивна понатамошна професионална надоградба. Верувам дека со нивното понатамошно образование, ќе добиеме добар стручен кадар во оваа област, изјави Лира Грабул, наш истакнат костимограф и професорор на отсекот за Текстил и Облека при училиштето.

Интересно е да се напомене дека практиката на реализација на модна ревија со матурантите на отсекот Текстил и облека е возобновување на практиката која долги години била традиција за училиштето. Имено, во време на постоењето на Модест, училиштето е повеќекратен добитник на награди за ревии реализирани од (тогаш) идните модни дизајнери, кои денес успешно се бават со моден дизајн или сценски костим. Денес истите се дел од Модните недели во Македонија, па зошто да не биде ова добра препорака и младите идни модни дизајнери од отсекот Текстил и облека да бидат дел од оваа манифестација.

Модната ревија беше дел од Завршната изложба на ДСУЛУД Лазар Личеноски, на која беа претставени дела на учениците од сите отсеци во рамки на училиштето. ДСУЛУД Лазар Личеноски е единственото училиште од овој тип во Република Македонија, па ова беше одлична презентација на „креативниот капацитет” со кој располага училиштето, а со тоа и Република Македонија во целина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


