| четврток, 6 декември 2018 |

Владата објави јавен повик за волонтирање на студенти

aleksandar_0912_g11

Генералниот секретаријат на Владата и канцеларијата на претседателот на Владата на Р. Македонија распишаа јавен оглас за волонтирање, кој ќе трае од денес до 15 јуни. Можноста за волонтирање во Кабинетот на премиерот и во Генералниот секртетаријат, како што нагласи владиниот портпарол Ѓорѓиев, се шанса за младите и доказ за владината отвореност.

На јавниот повик може да се пријават сите заинтересирани студенти од завршните години кои имаат желба да волонтираат, меѓутоа предност ќе имаат студентите од правните, политичките, економските и електротехничките науки.

Волонтирањето ќе трае од 1 јули до 15 септември, а студентите по завршувањето ќе добијат и волонтерски книшки.

Целта, како што потенцираше на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, е приближување на работата на државната администрација кон граѓаните на Република Македонија, а воедно и укажување на можноста за стекнување работно искуство на младите.

– Со распишување оглас за волонтирање во Кабинетот на премиерот и во Генералниот секретаријат на Владата, како централни и стожерни институции на Владата на Република Македонија сакаме да испратиме една јасна порака и до останатите институции да се охрабрат и да ангажираат волонтери, да ги распишат јавните повици за што има донесено одлука на Влада. Поголем дел од нив веќе почнаа со исти вакви огласи. Особено сакаме да го охрабриме приватниот и бизнис-секторот и тие да се охрабат и да распишат огласи за волонтирање, да ангажираат млади луѓе кои во текот на летниот период ќе го поминат своето време во тие компании и ќе стекнат нови знаења и искуства – изјави владиниот портпарол Ѓорѓиев.

Тој нагласи дека освен што волонтерите ќе се запознаат со работата на македонската Влада, ќе добијат и надомест за волонтирање кој ќе биде не повисок од 15 проценти од просечната плата во Македонија, односно околу 4.000 до 4.500 денари.

Заинтересираните кандидати треба да достават писмо за интерес, кратка биографија и фотокопија од индекс до Владата на Република Македонија на адреса: бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје, со назнака за Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија и Генералниот секретаријат на Владата.

Ѓорѓиев посочи дека нема определена бројка колку волонтери ќе бидат ангажирани во Кабинетот на премиерот и во Генералниот секретаријат и оти таа бројка ќе зависи од потенцијалот на пријавените кандидати, но според досегашното искуство во минатите години биле ангажирани по неколку десетици луѓе.

Со распишување на осмиот по ред оглас за волонтирање во Кабинетот на премиерот и во Генералниот секретаријат, како што истакна Ѓоргиев, Владата продолжува со зацртаната политика на отворени врати, на полна транспарентност за давање еднакви можности на сите граѓани на Република Македонија, а во овој случај студентите, младите луѓе да можат да ги покажат своите знаења и да бидат вклучени во рамките на институциите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top