| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас изненаден – не знае дека Грција ја блокира Македонија

Во писмото на Самарас нема тон на волја за решение, туку само услови и непоткрепени обвинувања, што е уште еден доказ дека Атина, по подолго игнорирање на македонските иницијативи, глуми компромисност пред декемврискиот самит кога земјава ја очекува четвртата препорака за почеток на преговорите

Грчкиот премиер Андонис Самарас се одважи да му одговори на премиерот Никола Груевски, кој подолг временски период се обидува да договори средба со грчкиот премиер. Но, Самарас повторно не прифати да се сретне со Груевски, тврдејќи дека билатералните средби не би биле корисни и служат само за пропаганда. Во писмото што го објавува неделникот “Република”, Самарас обвинува и дека неколку грчки влади едноподруго се обиделе да го решат прашањето за името, а Македонија ја одбивала дури и најлогичната и очигледна претпоставка за договор и потенцира дека крајното решение треба да биде за севкупна употреба. Во писмото на Самарас нема тон на волја за решение, туку само услови и непоткрепени обвинувања, што е уште еден доказ дека Атина, по подолго игнорирање на македонските иницијативи, глуми компромисност пред декемврискиот самит кога земјава ја очекува четвртата препорака за почеток на преговорите.

Со својата вистина и не земајќи ништо друго предвид, Андонис Самарас вели дека Македонија ги узурпирала историјата и симболите на Грција, што било контрапродуктивна реторика и многу го вознемирувало нашиот јужен сосед. За чудење, но Самарас не знае дека Грција е блокира Македонија на патот кон ЕУ – Македонија требало да се приспособи кон поставените европски услови.
– Со изненадување и тага прочитав во вашето писмо во кое вие споменувате дека Грција ја блокирала” вашата земја на патот кон ЕУ. Дозволете ми со цела почит да нагласам дека тоа е апсолутно неточно. Никој не смее да го занемари фактот дека во согласност со предвидените претпристапни и пристапни процедури, Грција, како и сите други земји што се членки има право, но и обврска да го следи напредокот на секоја од земјите што се кандидати при исполнувањето на пакетот критериуми и обврски на сите полиња. Во тоа светло, јасно е дека европскиот курс на ПЈРМ, исто како и на другите земји што се кандидати, зависи од приспособувањето со соодветните услови поставени од ЕУ, посочува грчкиот премиер.

Друг Самарасов факт што го изнесува грчкиот премиер е дека декларации за пријателство и соработка се потпишувале по надминување на разликите меѓу две земји, па затоа мора прво да се реши името, па потоа да се стави потпис на ваков договор. Самарас го одбива и предлогот за формирање на заеднички комитети да ја проучуваат историјата, бидејќи таа веќе била напишана. Премиерот на Грција обвинува и дека Македонија е таа која не сака ослободување од двојно оданочување, бидејќи Грција тоа го предложила во 2006 година. А за нови гранични премини, едноставно Атина нема пари.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top