| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба „Смилков – цртежи и скулптури“ во МКЦ

Проектот е ликовна изложба на која ќе бидат претставени 22 скулптури и 15 цртежи. Делата кои ќе бидат претставени се дел од творештвото на академскиот вајар Александар Смилков (1944-1992), кој дипломирал на ликовната академија во Белград, во класата на Мича Поповиќ и дела на неговиот син Никола Смилков, вајар кој магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на Драган Попоски-Дада.
Делата на Александар Смилков се избор од неговото целокупно ликовно творештво. Во минатиот век тој активно работеше и излагаше во значајни ликовни институци низ поранешна Југославија и Европа, а остави и поголем број на монументални дела во градот во кој живееше, Штип.

Во неговите дела преовладува современ ликовен израз на претстава на апстрактни форми и фигурации, повеќето изработени во мермер со галериски формат.
Делата на Никола Смилков ќе бидат придружни скулптури на скулптурите на неговиот татко. Тој денес работи како професор на Факултетот за образовни науки и Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и е претставник на современото македонско вајарство. Неговите дела се од различен формат – од минијатури до монументални скуптури, а на изложбата ќе се претстави со скулптури изработени во мермер и бронза во галериски формат и минијатури.

Оваа ликовна изложба има за цел да го збогати македонското ликовно културно наследство, преку одбележување на неприкинатиот развој и негувањето на скулптурата во семејството Смилкови, а истовремено ќе претставува и омаж на делото на Александар Смилков.

Се надевам дека овој проект ќе наиде на голем интерес кај македонската и штипската јавност, особено поради фактот што, после смртта на Александар Смилков, ова ќе биде прва изложба на негови дела после 22 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top