| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книга од Ирена Павлова де Одорико во ДПМ

Утре  во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија ќе биде промовирана книгата „Антологија на заборавените македонски поетеси“ од познатата македонска писателка Ирена Павлова де Одорико. За новото дело на Ирена Павлова де Одорико ќе зборуваат д-р Весна Мојсова Чепишевска и д-р Сашо Прокопиев, а делови од книгата ќе чита Софија Гогова-Врчаковска. Средбата се одржува во рамките на активностите на Клубот на писателките „Даница Ручигај“ при ДПМ.

„Антологијата на заборавените македонски поетеси“ е посветена на творештвото на Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска. Во ова дело Ирена Павлова де Одорико понудува студија во која ги разгледува суштинските аспекти на естетските вредности и можната заборавеност во годините по смртта на трите истакнати македонски поетеси. Есеистичкиот дискурс е збогатен со илустративен оддел на поетските светови на Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска, во кој свое место имаат антологиските песни на авторките.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top