Финансиски експерт со долгогодишно искуство во големи меѓународни банки. Горан Мицковски ќе биде новиот министер за странски инвестиции, ексклузивно дознава Алфа. На новата функција ќе дојде од Лондон каде во моментов е ангажиран во Credit Suisse AG како консултант за инвестициско банкарство и стратегиски трансакции.
Претходно работел во Sidley Austin LLP, The Royal bank of Scotland и уште неколку британски и автралиски банки. Има дипломи од правниот факултет во Скопје и од Универзитетот во Мелбурн, Австралија, каде и магистрирал финансиско право. Зборува македонски, англиски, руски и француски, а има македонско, британско и автралиско државјaнство. Со Горан Мицковски, ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува практиката на ангажирање експертски непартиски кадри и македонци од дијаспората кои се докажале во своето поле на работа и кои имаат контакти во меѓународните институции и големите корпорации.
Ова е првото име за кое Алфа дефинитивно доби потврда дека ќе биде дел од новата Влада. Составот во останатите кабинети, како и распределбата на фотелјите меѓу коалициските партнери засега останува на ниво на шпекулации. Другите министри ќе бидат обелоденети викендов. На 8 јуни истекува законскиот рок во кој мандатарот Никола Груевски треба да го достави предлогот за новата Влада до Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


