Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Тетово го одржа третиот Конгрес на кој беа избрани органите на партијата и беа усвоени Програмата и Статутот.
Сите 675 делегати кои беа присутни во Конгресот гласаа едногласно за реизборот на Претседателот на ДУИ Али Ахмети, се вели во партиското соопштение.
Ахмети во своето едночасовно обраќање ја потенцираше евроатлантската интеграција на државата како врвен приоритет што ќе гарантира мир, стабилност, добри меѓуетнички односи и економски напредок.
Значително ќе се ангажираме на септемврискиот самит на НАТО да се случат добри работи за нас. Се повлековме од една значајна точка околу употребата на јазиците за да се насочиме за овие процеси. Не сме далеку од решение и компромис околу спорот со името со Грција, но за тоа ни е потребен решавачки ангажман на меѓународната заедница и постигнување на етнички консензус со нашите партнери во земјата, рече Ахмети.
Тој го повтори предлогот за консензуален претседател како можност за нова клима во меѓуетничките односи.
Едногласен бил и изборот за новиот состав на Централниот одбор на ДУИ, кој брои 81 член.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.