Романската тенисерка Симона Халеп, една од најшармантните во светот на женскиот тенис, испишува интересна животна приказна.
Девојката, која има 22 години и доаѓа од Констанца, пред 4 години повлече ризичен потег и одлучи да ги намали градите за да може да продолжи да игра тенис на повисоко ниво. Обично припадничките на понежниот пол одат во спротивен правец и сонуваат за поголеми гради, дури и прават операции за зголемување на обемот на градниот кош.
Халеп направи необичен чекор и доби џек-пот. Талентот беше неспорен кај романската тенисерка, таа како јуниорка го освои Ролан Гарос, а на добро познат терен крај Булоњската шума гази и сега на новото издание на парискиот гранслем, но во сениорска конкуренција. На турнирот што е во тек, Симона ќе игра во полуфиналето, што и е највисок дострел на еден од четирите најценети светски тениски турнири.
„Среќна сум што се пласирав во полуфиналето на Ролан Гарос, но се надевам дека ќе можам да одам докрај. Да се потсетам на јуниорските денови, како е да се биде шампионка во Париз“, вели Халеп.
По операцијата што ја направи, Халеп со крупни чекори гази во светот на женскиот тенис. Лани е прогласена за играч со најголем напредок на ВТА турнирите, моментно е со највисок личен рејтинг на светската листа, пласирана на четвртата позиција, а за првпат ќе игра во полуфинале на гранслем. Патем има и 7 трофеи на професионалните турнири, сите освоени по операцијата со која ги намали градите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




