Не е исклучено Насер Е. да е најобичен деликвент, кој има проблеми со соочување со младешкиот бес. Не може да се отфрли ниту дека младиот жител на Сарај имал проблеми со вработување или со девојката, не се исклучени ниту психички проблеми. Сепак, малкумина ќе поверуваат дека тој не е продукт на систематската омраза, која уште од времето на Џемо Хаса, потоа во педесеттите години на минатиот век била ширена во многу делови од Македонија во времето на „Илирида“ за особено во конфликтот во 2001 година да стане матрица врз основа на која функционираат голем број луѓе. Дел од таа омраза е оправдана, македонската држава во голем дел од својата кратка историја не знаела како да ги надмине проблемите со своето најголемо малцинство. Многумина би се заколнале дека доколку во деведесеттите години од минатиот век тогашните власти дозволеа тетовски универзитет, таа омраза можеше да се намали. Други, пак, сѐ уште тврдат дека поради тоа што Македонците ги гледаат Албанците како малцинство во земјата, а Албанците ти третираат Македонците како малцинство во „албанскиот простор“ на Балканот, овој анимозитет никогаш нема да биде надминат.
Во 1999 година авторот на овој текст за време на војната на Косово, кога во Македонија беа сместени стотици илјади косовски Албанци, се соочи со една појава, која се покажа како основа за тоа што го живееме 15 години подоцна. Работејќи со една странска телевизија, која правеше репортажа од едно скопско основно училиште, се сретнав со група деца на возраст од 9 до 10 години, кои беа присутни во близина на привременото прифатилиште на косовски бегалци. Едно од децата носеше нож и гордо го покажуваше на телевизиската екипа за чиишто членови беше убедено дека се Словенци. На прашање зошто носи нож, момчето, кое кажа дека било трето одделение во блиското основно училиште, рече дека му е неопходен за да се одбрани од припадници на една етничка група, која, според неговиот постар брат, силувала и убивала негови сонароднички. И сето тоа не се случуваше во некое планинско село, туку во центарот на Скопје, каде што, според сите принципи, не би требало да постои поголема омраза и таква страст кон оружјето како што би се очекувало во тешко пристапни планински села каде што носењето оружје би било природна работа.
Ниту момчето што се пофали со ножот ниту неговите десетина другарчиња тогаш не можеа да дадат одговор зошто сакаат да ги нема тие за кои се беа вооружиле со студено оружје. Не знаеја ниту кој точно настрадал од „другите“ ниту дали познаваат некоја жртва, но тоа не беше доволно да се откажат од мисијата со нож да ги бранат своите мајки, сестри и роднини. И притоа во детските глави не се работеше за конкретни имиња туку за профил на човек и единствениот критериум по кој тој можеше да се распознае беше националниот. Можеби Насер навиката да носи оружје среде Скопје ја здобил подоцна, можеби само тој ден во својот џеб го ставил ножот што му пресуди на матурантот Ангел Петковски. Одбраната на Насер Ештрефи во конкретниот случај, можеби, ќе докаже дека ножот со кое е извршено делото е, навистина, одземен од Ангел, но тешко ќе се најде адвокат, па дури и научник што може да докаже дека Албанците поради низа историски, социјални и други причини не негуваат култ кон оружјето. Уште помалку ќе се најде влијателен Албанец што јавно ќе каже дека овој феномен не е корисен ниту за нив, особено ако се анализираат инцидентите со огнено оружје во кои загинале или биле ранети македонски граѓани. Ова е уште потешко затоа што сѐ уште е свежо сеќавањето на инцидентот од 2001 година што се случи во Тетово, кога двајца Албанци во обид да фрлат рачни гранати на полициски пункт беа убиени од полициски припадници за подоцна одредени политичари да тврдат дека тие сакале да фрлат мобилни телефони.
За да не се дискриминира или да се избегне генерализација, голем дел од истражувачите на криминални појави не сакаат да ги кажат процентите на луѓе што во насилни цели употребиле огнено оружје, но неофицијалните бројки велат дека најголем број на загинати луѓе од огнено оружје во земјава се Албанци, а во нив пукале или на друг начин ги нападнале токму нивни сонародници.
Баналните свадбени или сунетски прослави се најдобар пример колку е голема љубовта кај македонските граѓани од сите националности за пукање. Малата анализа, сепак, и овде ќе покаже дека најголем број жртви од ваков вид прослава се Албанци, притоа исклучувајќи дека во нив пукале припадници на други националности.
Благите казни и бегствата од затвор ги поттикнуваат младите насилници
Една од причините за лесната употреба на оружје за расчистување проблеми, кои во нормалниот свет се решава на суд или со други ненасилни мерки, е и фактот што огромен број строители на тешки кривични дела успеаја да избегаат од раката на правдата, целосно или делумно. Македонската полиција сѐ уште не успеа да го пронајде убиецот на Македонецот убиен во складиште за градежни материјали во Чаир на првиот ден на годинашниот Бајрам, МВР не знае каде е дебранецот Карлито Бриганде, кој успеа да избега од доживотен затвор пред да ја отслужи казната, како што се случи и со еден од учесниците на масакрот на семафорите во населбата Влае, кога со неколку „калашникови“ во знак на крвна одмазда смртно беа изрешетени Бранко Ивановски и Љупчо Атанасовски, а нивните сопруги преживеаја со тешки последици по здравјето. По сите овие инциденти голем дел од младите луѓе што пораснале во време на култ кон оружјето се надеваат дека тие, како и наброените, некако ќе се спасат од затвор. Најчесто се смета дека доколку се убие или повреди припадник на друга нација или религија, може да се добие оправдување и поддршка кај своите, а со тоа и некаков вид помилување.
Тие што користеле „калашников“ потешко упатуваат пораки за мир
Да се тврди кој почнал да врши насилство кај Македонците и кај Албанците е исто како да се докажува кој е постар, кокошката или јајцето, а тоа сега, кога гинат невини деца, е најмалку важно. Најважно е сега да се казни сторителот, но и да се испрати порака дека такво однесување нема да биде толерирано.
Сигурен сум дека Албанците имаат свои пандани на споменувањето на бруталното убиство на петтемина кај Смиљковско Езеро, мавровските работници, на последната трагедија во Ѓорче Петров и на други инциденти во кои страдале Македонци. Тоа што е различно кај македонската и кај албанската јавност, кои функционираат целосно поделени, е што бројот на тие што кај Албанците го осудуваат поведението на своите сонародници се сведува на неколкумина храбри, кои искрено се надеваат на живот без насилство. Проблемот кај Албанците на ова поле не се случува само кога гинат Македонци, истото се повторува и кога гинат Албанци. Барем во македонскиот дел од јавноста никаде не слушнавме дека некој јавно проговори за ладнокрвното убиство на Газда Џељо или на Ибраим Исмаили, и двата инцидента извршени со помош на „калашников“, кој го слушнаа сите жители на скопската населба Ченто пред неколку месеци.
За жал, капацитетот на тие што се подготвени да ризикуваат јавно да осудат нечија агресија е многу мал. Вистинските „херои“, кои се сега актуелни во албанската јавност, а тоа се, пред сѐ, учесниците во конфликтот од 2001 година, со чест на исклучоците, молчат. И тоа донекаде е разбирливо, луѓето што до својата висока позиција или популарност дошле преку употреба на „калашников“ со кој убивале „шкавели“ (погрден назив за православни), сега и да сакаат не можат лесно да ги убедат другите дека ненасилните методи се најдобар начин да се искорени фрустрацијата од економската криза, невработеноста и од другите проблеми што ги имаат и Албанците и Македонците и сите други.
Колку се на број тие што се подготвени да убијат за велосипед?
Никој не може да каже со сигурност дали ги има пет, десет, педесет или сто, но такви како Насер постојат и ќе постојат кај сите етнички групи. Тоа што кај Албанците е поопасно е што тие луѓе ќе бидат лесна цел на организирани структури како тие што упатуваат „топовско месо“ на сирискиот фронт против режимот на Асад. Тоа што мора да го разберат тие што тргнувајќи од сопствената омраза кон другите што се поинакви од нив имаат разбирање за „своите“ насилници е дека, можеби, во првата фаза жртви ќе бидат Македонци или Срби, но во крајната фаза, која, секако, ќе дојде, а во која и од другата страна ќе има сѐ повеќе Насеровци, жртви ќе бидат сите. А тогаш никој нема да праша кој прв почна и кој е виновен. Еднаш се спасивме од таква ситуација, сега шансите за ограничен конфликт со релативно мал број жртви е минимален. Охридскиот договор реши дел од проблемите, но тој не може да се натпреварува со омразата, која, очигледно, постои кај голем дел до граѓаните.
Колку сме различни говори и последната акција за помош на Србија и на БиХ
За разликите што постојат меѓу Македонците и Албанците може да се пишува многу, но овде ќе се задржиме на последната дијаметрално спротивна позиција што се забележи при хуманитарните акции за поплавите во Босна и Херцеговина и во Србија. На социјалните мрежи не беа ретки коментарите во кои дел од Албанците покажаа негативна оцена за собирањето помош за Србија. Најдобро се виде како Албанците ја прифатија хуманоста на Македонците преку транспарентите на фудбалски натпревар во Приштина и на ракометен натпревар во Гостивар каде што беше побарана смрт за Србија, а поддршка за Босна и Херцеговина. Да биде лудоста поголема, за Босна и Херцеговина немаше негативни реакции иако најголемиот дел од настраданите и таму се Срби. Во исто време, косовската влада собра сили, и покрај сѐ, на Белград му понуди помош, а Албанија уште на почетокот на кризата упати свои специјалисти за вонредни состојби во најзагрозените градови во Србија.
(објавено во 90. број на неделникот „Република“, 23.05.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.