Есенцијалната доктрина на Маршалот Тито (и покрај хуманистичките хуморески што ги раскажуваше со плебејски шарм) беше една контролирана шизофренија, што вешто опстојуваше во емпирискиот бестијар на Томас Хобс, во кој уставната преамбула е „човек на човека е волк”. И самиот љубител на месо (впрочем, како и секој владетел што држи до своето самољубие) беше ефикасен во справувањето со своите политички противници. Тоа, секако, го правеше сурово и консеквентно, час инспириран од Макијавели, час вдахновен од Дарвин… како вистински алфа-мажјак, што доследно и пожртвувано ги штити богатствата на своето владеење, но како и високо еволуираните предатори, нежно и скрупулозно се грижи за супериорниот дизајн на генетските структури што ги мултициплира во своето царство. Една, би рекол – омнипотентност, едно гигантско либидо, чиј симболички реликт е и феноменот на штафетата на младоста – тој фосилизиран фалус на најсаканиот владетел, фалус, што ги усреќуваше младинките и младинците низ целата земја, од Триглав до Вардар, и од Ѓердап до Јадран. Јосип Броз Тито успеа да ги артикулира глобалните проблеми на тогашниот колонијализам и заедно со Нехру и Насер да создаде едно, дотогаш, невидено глобално движење на угнетените и понижените. Со овој акт тој доби некаква робинхудовска аура. За разлика од Коминтерната, неговата доктрина не инсистираше на пролетерската униформност, тој ја отфрли шематичноста на дијалектичкиот материјализам, заедно со сите негови деривати и остави работите да се движат по својот тек, како вистински џентлмен. Тоа мноштво на култури и системи дијаметрално различни по својата манифестност, а сепак собрани во движењето на Неврзаните како толпа лудаци во еуфорија, што радосно пловат на својот сплав низ океанот на небиднината, го прават вистински антиципатор на постмодернизмот (во политиката). Со својата непосредност и делотворност во однос на решавањето на светските проблеми направи мајмуни и од комунистите и од таканаречените западни демократи. Едноставно, луѓето го сакаа, без оглед на расната, конфесионалната, класната, националната или половата припадност. Единствен лик од светската историја, што остави толку омилена аура во човештвото (изземајќи ги пророците, светците и аватарите – Божјите инкарнации) е Александар Македонски. Всушност, земајќи ја предвид тибетанската концепција на есхатологијата и метапсихозата, недвојбено би посочил, дека Јосип Броз Тито е реинкарнација на Александар Македонски. Има безброј индиции што го сугерираат ова. Од неговиот класичен лик, до неговата неспоредлива интелигенција. И двете инкарнации се чеда на Балканот, и двата карактера ја користеа својата стратешка генијалност во интегративни цели. И двајцата ја сакаа мултикултурата, за која сметаа дека збогатува. И двајцата имаа дар на луда храброст, но и невиден талент низ симулирана деструктивност да постигнат големи воени или идеолошки победи (сетете се на Гордиевиот јазол, чие деструирање, всушност, беше отстранување на пречката на евроазиското поврзување или, пак, на рушењето на мостот на Неретва, при кое Тито ја доби најдоблесната битка во историјата на војувањето – битката за ранетите). Дискрепанцата на должината на нивното физичко постоење во овој свет е компензација за освоеното – александровиот краток живот и огромната територија што ја запоседна, и Титовиот живот на долго владеење на релативно мала територија. И, конечно, главниот спој – Македонија. Првата и последна дестинација на овие два карактера. Едниот се роди во неа и се изгуби во светот на големите можности. Вториот пред смртта даде аманет – чувајте ми ја Југославија. Денес, 34 години по неговата смрт, Југославија постои само во сложеното име на Македонија – Поранешна Југословенска Република Македонија. Брилијантноста на космичкиот ум и во најбезизлезните ситуации наоѓа решенија, што заслепуваат со својата блескава супериорност. Како просветлувањето на Готама Буда или Воскресението на Исус Христос. Тоа се, всушност, чудесните патишта на Севишниот, од отфрлениот камен да направи темелник, од простосрдечноста – мудрост, од дефектот – ефект…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.