Издавачката куќа „Просветно дело“ ги промовираше сликовниците-таблет насловени како „Паметен таблет Диви животни“ и „Паметен таблет – Домашни животни“. Тие се први звучни изданија на македонски јазик.
Сликовниците содржат екран на допир како вистинските таблети, на допир. Децата можат да читаат модерна енциклопедија, но и да работат на свој таблет со животни кој лесно може да го извадат и да си играат со него. На располагање им се четири можности: да ги чујат гласовите на животните, да слушаат забавни мелодии, да одговараат на интересни прашања и да го проверат своето знаење низ игра. Сликовниците се на македонски јазик.
– „Просветно дело“ со издавањето на Паметните таблети продолжува да ги следи светските трендови кога станува збор за литературата за деца и за новите технологии на печатење. Се подготвуваат уште многу интерактивни звучни и 3Д изданија кои ѝ се обраќаат на новата генерација деца која ужива додека учи и чита, да осознава, допира, создава и си игра. Откако ја стартувавме приказната со издавањето на комерцијални изданија од најдобрите светски лиценци, како Штрумфови, Ворнер брос, Дизни, Бен10 и Хелоу Кити, наш актуелен предизвик се музичките, 3Д и сликовниците со додатоци. Искуството со последните неколку наслови, како на пример апсолутниот хит – Малиот доктор, покажаа дека овие изданија се полн погодок и бележат рекордна продажба – рече директорката на комерцијално-маркетиншкиот сектор на „Просветно дело“ Весна Дукоска.
Од „Просветно дело“ соопштија дека ја откупиле грчката франшиза за долна облека, пижами и костими за капење „Минерва“. Првиот од синџирот бутици е на првиот кат во трговскиот центар Рамстор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.