Претставници на компанијата „Филип Морис“ денеска ќе одржат средба со премиерот Никола Груевски. По средбата ќе биде потпишан договор за стратегиско партнерство меѓу „Филип Морис“ и Тутунскиот комбинат од Прилеп.
Текстот на договорот беше усогласен во април, а потпишувањето беше најавено по негово усвојување од Генералното собрание на Тутунскиот комбинат и завршување на изборите.
Постигнат е договор за заедничко вложување, кое произлезе од објавениот повик за стратегиско партнерство во јули минатата година. Стратегиското партнерство ќе се реализира преку формирање ново друштво со ограничена одговорност во кое „Филип Морис интернешнл“ ќе има 51 процент капитал, а ТК од Прилеп 49 проценти.
Новоформираното друштво, според најавите, ќе биде одговорно за производство, дистрибуција промоција и за продажба на марките од заедничкото портфолио на домашниот пазар. Дополнително со договорот се обезбедува директен пласман на Тутунскиот комбинат од Прилеп на значителни количини македонски ориентален тутун за потребите на „Филип Морис“. Долгорочен ефект од стратегиското партнерство треба да биде стабилизирање на работењето на Тутунскиот комбинат од Прилеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.