Kога ќе видите славна ѕвезда во првиот ред на ревија од познат бренд, не помислувајте дека седат таму од голема љубов кон модата. Некои од нив секако дека се дојдени поради тоа, но поголемиот број славни личности седат во првите редови токму затоа што им платиле вртоглава сума пари. Ова не е нешто ново, токму по оваа тема во 2012 година британската дизајнерка Никол Ферхи за странски моден медиум го изјави следното:
-Никогаш не сум платила за славна личност да дојде на моја ревија и никогаш нема да го направам тоа. Многу е глупаво, другите дизајнери знам дека ќе ме мразат за ова што го изјавувам, но воопшто не ми е гајле бидејќи мислам дека е непрофесионално, изјавува дизајнерката.
Но, новите сознанија на медиумите откриваат дека повеќето популарни брендови не ни помислуваат да го заокружат плаќањето на славните. Според информации на магазинот „The Sun“ 60 илјади фунти е цената што треба да ја плати еден бренд или дизајнер за во првиот ред да седи Бијонсе или Ријана. Сепак, исплаќањето не е секогаш во пари туку и во гардероба и аксесоари. Во 2007 година пејачката Лили Ален призна дека во замена на нејзиното присуство на ревија на Сен Лоран во Париз добила облека и аксесоари од брендот во вредност од 5 илјади фунти.
Дури неодамна изјави и дека за време на својата пауза од музиката, пропуштила многу ангажмани од брендови, односно ја пропуштила гардеробата што ќе и ја дадат. Освен плаќањето за присуство на ревија, маркетиншките стратегии во модната индустрија се бројни. Па така, Кара Делевињ и Кејт Мос важат за најдобрите движечки реклами на брендовски производи. Тие се првите две славни манекенки од списоците на лицата за односи со јавност и маркетинг. Сите нови креации на одредени брендови, а најчесто чантите им се подаруваат на познати профили , а маркетиншкиот потег се смета за успешен само ако папараците ги фотографираат како се движат на улица. Секако, таа фотографија ќе се рашири ширум светот, а оттука веќе е јасно зошто конкретната чанта и била подарена на некоја манекенка, актерка и сл.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.