Почитувани сограѓани и припадници на Влашката етничка заедница во Република Македонија,
Дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да ви упатам најискрени честитки по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите и да ви посакам многу здравје, успех и благосостојба во вашите семејства.
Денешниот празник е уште една можност да ја одбележиме и прославиме долгата традиција на соживот и заедништво, која ја имале луѓето и етничките заедници, кои во минатото и денес живеат на овие простории на Македонија. Влашката култура и посебност си има свој дел, своја улога и своја историја, инкорпорирани со историјата и културата на Република Македонија. Таквата посебност е зачувана и се манифестира во многу општествени сегменти, а денес се прославува и преку 23 Мај – Националниот ден на Власите.
Трудољубивоста, солидарноста и прогресивноста се карактеристики на Власите и тоа се обележјата што нам како држава ни се потребни во процесите на развој и напредок на Република Македонија. Ваквите процеси се постојано активни и секој поединец или група имаат свој придонес и своја улога. Сечиј успех, без разлика од каде доаѓа, без разлика дали е мал или голем, е дел од успешната приказна на државата. Токму затоа, сите ние треба да се вложиме себеси за да развиеме една силна и модерна Република Македонија, држава со која ќе се гордеат сите нејзини граѓани и сите идни генерации, кои тука ќе живеат, творат и опстојуваат во следните векови. Уверен сум дека на тој пат ќе продолжиме да чекориме заеднички, решително и посветено.
Нека Ви е честит и за многу години 23 Мај – Националниот ден на Власите!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.