| четврток, 6 декември 2018 |

Мај

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Покрај метафоричките импликации на плодноста – мајски бумбар, мајски цвет, толчници, прашници, „Камасутра“ за растенија и бубалки, кои хералдички експандираат по пубичните маргини на веќепораснатите пионери на анархичката порномрежа на природата и општеството; овој месец секогаш неизбежно ја насочувал ретрокогнитивноста кон веќе историски потрошениот, комунистички систем. Тука не мислам само на гностичката концепција на илузорноста – „маја“ во хиндуистичко-будистичката традиција, деконструктивен хабитус на протагонистите на просветлувањето (самади нирвана), туку и на питагорејската традиција на доделување мистериозни својства на броевите…

Пред сè, тоа се броевите 1 и 25. Во контекст на споменатиот годишен циклус, први мај и дваесет и петти мај се еманација на овој, веќе митологизиран, ќор-сокак на општественото уредување на еден голем дел од човештвото, во кој, секако, спаѓа и нашиот скромен антропо-ареал, мислам на ФИРОМ. Референцата создава тавтолошко насочување на еден оддел од овој виртуелен музеј на гротескните устреми кон „совршенство“ на помалку или повеќе несреќните колективитети низ историјата на политиката. Всушност, се работи за рециклирање на некои значајни фиксации на колективната свест во однос на традиционалните табуа, произлезени од хтонските структури на магиското. Или персонифицирање и реперсонификација на трансцендеталното.

Така, најзначајниот комунистички празник, 1 Мај е супститут за Велигден, воскресението на Исус Христос станува воскреснување на работничката класа, Карл Маркс станува една нова варијанта на пророкот Мојсеј, комунистичкиот манифест – десетте божји заповеди, а Сталин и Ленин би можеле да бидат Соломон и Давид… во понова варијанта, Св. Петар и Св. Павле…, а зошто да не и римските цареви Константин и Јустинијан.

А, сега да ги напуштиме аналогните аспекти на глобалниот илузионизам и да се обрнеме кон локалните детерминанти на „катедралата“ на нашата општествена меморија: мислам на кодот 25 Мај – еден вид југокомунистички Божик, датум на раѓањето на најголемиот син во историјата на народите и народностите на СФРЈ (како што знаеше да спелува покојниот претседател на Република „Данке Дојчланд“, Фрањо Туџман).

Јосип Броз Тито, роден во хрватско Загорје, во сиромашно многудетно селско семејство, кое едвај крпеше крај со крај (официјална биографска верзија) или Амброзиус фон Хабзбург – клон на големото владетелско европско семејство (според апокрифите на теоретичарите на конспирацијата), успеа во текот на својот долг и плодоносен (во политичка смисла) живот да го доведе комунизмот од марксистичка наука, до монета за поткусурување помеѓу двата глобални политички блока, спротивставени по прашањето на видот и начинот на манипулација со масите. Од една страна, воено-полициската диктатура на сталинизмот, која на рафинираниот пролетерски шеик, Тито, му беше невкусна и рогобатна, како гигантска машина за мелење човечко месо, од друга страна просветителскиот апсолутизам (Рорти) на Западот, во кој тајната олигархија ги трошеше народните персоналитети како менструални влошки, на еден начин тивок и подол начин, што суптилно го сокрива лицето на асасинот, а злочинот го претставува како несреќен случај. Чинам, тие два навидум (по формалности) спротивставени света, маршалот на ЈНА добро ги проучи… и, секако, немаше никакви нејаснотии околу ова, затоа толку успешно балансираше помеѓу источниот и западниот ѕвер, оплодувајќи ја моќта, како што Ротшилдови го оплодуваа златото во времето на европските империјални авантури на Наполеон Бонапарта, изнајмувајќи им парични средства на сите засегнати страни во конфликтот… (продолжува)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top