Во Културно-информативниот центар – Скопје, во Изложбен салон – Империјал 2, вечерва во 20 часот ќе се отвори изложба на слики од Владимир Илиевски. На изложбата авторот ќе изложи 30 дела, масло на платно, создадени 2014 година, а изложбата ќе биде отворена до 5 јуни 2014 година.
Владимир Илиевски (1989, Скопје) е млад ликовен уметник кој главно се занимава со сликарство. Завршил средно уметничко училиште, насока сликарство, како најдобар ученик од својата генерација. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2012 год. отсек сликарство, исто така како најдобар студент на генерацијата, во класата на Вело Ташовски, Свето Манев и Благоја Маневски. Неговото сликарство, во голем дел, тематски е фигуративно, но во себе ги содржи ликовноста и духот кои прават едно дело да биде сликарски, технички и емотивно-вредно, а во исто време преку него се пренесува дел од внатрешните психолошки сегменти на авторот, но и на надворешните околности, моментални или постојани. Па, така не грижејќи се премногу за тематската определба, Илиевски во своите слики внесува најразлични тематски содржини. Од наједноставни обоени полиња, до ликови, портрети и сцени со фигури, од мрачни претстави на ликови, до преосветлени, ведри пејзажи. А сите овие ги поврзуваат неколку работи, како динамиката, енергичноста, ритамот на потезите. Од повеќето серии слики, можат да се издвојат последните циклуси на Илиевски кои содржат фигури на животни во силна динамика и пејзажи со нагласена светлина, енергичност и движење во нив.
Илиевски досега има реализирано шест самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјава и странство. Член е на ДЛУМ од 2012 год.
Како позначајна награда, од неколкуте кои ги има добиено, е наградата „Вангел Коџоман“ за најуспешна реализирана изложба на ДЛУМ за период 2011-2013.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.