Вториот светски рекет Новак Ѓоковиќ за време на мастерс-турнирот во Рим повеќе пати апелираше за помош на загрозените во Србија и во Босна, а покрај тоа тој ги критикуваше светските медиуми, а „Би-Би-Си“ го побара најдобриот српски тенисер за да разговараат за тоа.
– Во текот на целиот турнир сакав да ја подигнам свеста за тоа што се случува во мојата држава. Мислам дека не беше доволно застапено во меѓународните медиуми – изјави Ѓоковиќ за британскиот јавен сервис.
Тој раскажа дека луѓето страдаат бидејќи ги губат своите домови, како и дека е најтешко во Обреновац.
– Има многу жртви, Владата сѐ уште не може да потврди колку се бидејќи сѐ е поплавено. Ова беше многу емотивна недела за мене, се радував поради успехот на турнирот, но, од друга страна, и покрај тоа што бев дел од натпреварувањето, сакав колку што можам да ја подигнам свеста во светските медиуми дека се работи за поплави какви што не се забележани во последните 130 години – наведе српскиот тенисер.
Тој нагласи дека не обвинува ниту еден меѓународен медиум, туку само сака да ја искористи својата положба и да привлече внимание за случувањата во Србија.
– Само тоа сакав да го постигнам. Најважно е да се каже дека кога поплавите ќе се повлечат, ќе следат неколку месеци, можеби и години, за стабилизирање. Должината на процесот ќе влијае врз странската помош – заклучи Ѓоковиќ во интервјуто за „Би-Би-Си“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.