Денеска беше промовиран проектот „Културната вредност во интерес на одржливото територијално управување и маркетинг–КУЛТЕМА“, кој ги истакнува принципите на европските институции во интегрираниот пристап кон заштитата на културното наследство, како и заложбите на Република Македонија, партнерски да учествува во проектите кои ја продлабочуваат регионалната соработка и промовираат нови и одржливи методи за зачувување и користење на културното наследство.
– Проектот „Културната вредност во интерес на одржливото територијално управување и маркетинг–КУЛТЕМА“ е еден од неколкуте проекти за кои Министерството за култура на Република Македонија успеа да обезбеди освен сопствени и средства од фондовите на ИПА на Европската унија. Во КУЛТЕМА партиципираа 8 земји од југоисточна Европа кои преку овој проект детално ги согледаа можностите за промоција на културното наследство кое го поседуваат во функција на економскиот развој – истакна министерката Елизабета Канческа-Милевска.
Во рамките на проектот „Културната вредност во интерес на одржливото територијално управување и маркетинг–КУЛТЕМА“ досега во Македонија беа реализирани повеќе значајни активности, меѓу кои издавање публикација за можностите за инвестирање во културното наследство во регионот Дебар-Река.
– Изработка на заедничка комуникациска стратегија, веб-страница во чии рамки постои маркетиншка платформа на културното наследство, брошура за регионот Дебар–Река во која се презентирани седум заштитени приоритетни добра кои се најпогодни за спроведување на активностите и постигнување ефикасни резултати со проектот КУЛТЕМА: с. Гари, с. Галичник, с.Кичиница, новиот и стариот амам во Дебар и куќите на Гани Граждани и на Велиу Сури. Најефективен и најзначаен резултат од реализацијата на проектот „Култема“ е подготовката на студијата на одржливост за ревитализација на селото Гари која е прва од ваков вид. Оваа студија ги лоцираше можностите за инвестирање во ревитализацијата на овој регион преку воведување нови компатибилни функции коишто ќе придонесат за враќање на животот во селото, економски раст и генерирање нови вработувања – подвлече Канческа-Милевска.
Студијата ја изработија реномирани експерти од доменот на менаџментот и културното наследство, кои, врз основа на истражувањата на теренот во селото Гари, направија анализи со насоки за подобрување на неговата состојба во различни аспекти.
Студијата посочува конкретни активности, повеќе интервенции кои ќе придонесат кон ревитализацијата на овој регион како:
– Адаптација на повеќе селектирани објекти од народната архитектура во туристичко – атрактивни содржини, како, на пример, сместувачки и угостителски капацитети, инфозони и изложбен простор;
– Осмислување различни содржини, како што се: организирање специјализирана летна школа за архитектонска конзервација на традиционалните куќи, како и практична обука, т.е. непосредна конзервација на избрани гарски куќи со висок степен на автентична зачуваност.
– Уредување на просторот наречен средсело, во повеќе наменски простор и други помали (маалски) плоштади кои би се формирале на одредени избрани точки, како препознатливи места.
– Адаптација на старата зграда од првата хидроцентрала во изложбен простор.
– Ревитализација на единствениот сакрален објект – црквата „Св. Богородица“ – со што би се создале подобри услови за интензивирање на нејзината основна функција на активен верски објект.
– Ќе нагласам дека во студијата се содржани буквално сите значајни податоци од аспект на техничките услови преку кои потенцијалниот инвеститор би се информирал за капацитетите на селото Гари како одржлива туристичка дестинација. Студијата за селото Гари ќе биде достапна на веб-страницата на Министерството за култура, со што ќе може да биде видлива и за институциите и за сите заинтересирани инвеститори кои ќе ги препознаат можностите и потенцијалите кои ги нуди селото Гари и регионот – рече Канчевска-Милевска.
Изработката на овој документ претставува значаен предуслов за развојот на културниот, планинскиот и рекреативниот туризам, како и за зачувување на традицијата и на природните богатства. Податоците од оваа студија се одлична база која Министерството за култура ќе ја користи во натамошните иницијативи за изработка на проекти во насока на почнување процес на ревитализација на селото Гари, додаде министерката.
Ваквите проекти, односно изработката на студиите на одржливост за културното наследство кое го поседуваме отвораат одлични можности за инвестирање во иднината на нашето културно наследство кое имаме обврска да го сочуваме за нашите идни генерации.
Во изработката на студијата учествуваа: Мери Бакалова, технички експерт за имплементација на проектот „КУЛТЕМА“, Светлана Петровска, генерален директор на „Таргет комуникации“, м-р Цветанка Хаџипецова, виш конзерватор, инженер архитект и м-р Ѓурѓица Лековска, конзерватор, инженер архитект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.