Истакнатиот балетски уметнички директор Градимир Панков, кој е директор на Големиот канадски балет од Монтреал, е предложен за еден од 25 најистакнати доселеници во Канада. Списанието кое го врши изборот „Канадски доселеник“, Панков гo претставува како човек кој на врвот на „брилијантна европска кариера“ во 1999 година ја презел одговорноста за една од најзначајните канадски балетски дружини.
„Неговата страст за балетот, неговиот сон да изгради водечки балет, му даде нов живот на Големиот канадски балет и создаде платформа за меѓународна промоција на канадската култура“, пишува во претставувањето на Панков, кој е номиниран во конкуренција на 75 канадски спортисти, писатели, бизнисмени и научници кои од целиот свет се доселиле во Канада. Минатата година Александра Настеска, еколошка активистка по потекло од Македонија, беше во конечниот избор на најистакнати доселеници во Канада.
Во меѓувреме, истакнатиот канадски адвокат со македонско потекло Крис Палиер и Вона Битов, извршна директорка на Фондацијата „Битов“, ги добија годинешните награди за животно дело, односно за промоција на македонското наследство на Обединетата македонска дијаспора.
– Овие два извонредни поединци преку нивната пионерска работа во правните и медицинските области, преку нивната филантропија и неуморната служба на заедницата имаат дадено многу за македонскaта заедница во Канада и го кренаа угледот на сите Македонци на глобално ниво – соопшти Мерилин Трентос, претседател на Фондацијата канадско-македонски дом, која на 20 септември ќе организира свечен бал во чест на Палиер и Битов.
Крис Палиер е еден од партнерите во правната фирма Палиер Роланд Розенберг Ротстеин и се смета за еден од врвните канадски правници во сферата на корпоративни судски постапки, хартии од вредност, управно право и класни постапки, именуван за еден од 50-те највлијателни луѓе во Торонто во 2012 година. Во своите активности за поддршка на македонската заедница, тој се ангажирал во застапувањето на правата на Македонците од Грција пред ОБСЕ.
Вона Битов, најстарата ќерка на стопанственикот Џон Битов, преку фондацијата на нејзиното семејство е постојан поддржувач на активностите на македонската заедница во Канада и во светот, како и за центри за борба против срцеви болести и деменција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.