Возачот на автобусот на „Струмица експрес“, кој се товари за предизвикување на сообраќајната несреќа од пред два дена на железничкиот премин Овче Поле на регионалниот пат Штип – Велес, доби мерка домашен притвор. Но, директорот на штипската Клиничка болница, Александар Стојановски вели дека возачот на автобусот повторно е вратен в болница.
– Поголемиот дел од пациентите се пуштени на домашно лекување, се следат тие што останаа кај нас, има двајца на хирургија и двајца на ортопедија. Вчера возачот на автобусот беше приведен од страна на органите на прогонот, но денеска е вратен бидејќи се жали на болки во градите и во главата. Направени се дополнителни иследувања и ќе видиме што ќе направиме понатаму со овој пациент – вели Стојановски.
Портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова вели дека вчера на 54-годишниот возач В.Ш му е доставена кривична пријава за извршено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и сообраќајот.
Пред два дена автобусот на „Струмица експрес“ полн со патници го помина железничкиот премин и покрај тоа што рампите беа спуштени, при што се судри со возот што секојдневно сообраќа на релација Кочани – Штип – Велес – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.