Македонија остана без железничка линија до Солун, иако министерот за транспорт и врски Горан Сугарески уверуваше дека нема да дојде до тоа. Од вчера, поточно од први октомври е укинат меѓународниот патнички воз на релација Белград – Солун – Белград.
Тоа во договор го сториле Српската и Грчката железница, а Македонската железница (МЖ) немала можност да реагира бидејќи возот само транзитира низ земјава.
Пред неколку недели министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при работна посета на индустриската зона Визбегово вети дека ќе направи напори да не се реализира најавеното укинување од 1 октомври на меѓународната железничка патничка линија Белград-Солун-Белград која транизитира низ Македонија.
– Оваа линија е од огромно значење за Република Македонија. Ќе направиме се што е во наша моќ да го надминеме некако тој проблем – изјави министерот Сугарески.
До Солун од Скопје сега редовна линија има единствено автобуска линија на „Македонија сообраќај“, која ги редуцираше автобусите на еден дневно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.