Фудбалерот на Челси Ешли Кол се повлече од репрезентацијата на Англија, откако селекторот Рој Хоџсон не го повика за Светското првенство во Бразил, пренесуваат британските медиуми.
Кол на неговиот „Твитер“ профил соопшти дека нема повеќе да игра за репрезентацијата како би направил место за помладите играчи, како што се Лук Шо од Саутемптон, кој сигурно ќе се најде на списокот на Хоџсон.
– Ме контактираше Рој и се договоривме дека во тимот на Англија треба да има млади играчи. Мислам дека најдобро за мене е да се повлечам од репрезентацијата. Имаме одличен тренер и им посакувам се најдобро. Ќе ги бодрам како вистински навивач – изјави Кол.
Кол оваа сезона не успеа да се избори за место во тимот на Челси, а неговото место во репрезентацијата го зазема Лејтон Бејнс. Кол одигра 107 натпревари за репрезентативниот дрес.
– Бејнс и Шо се одлични играчи, оваа сезона се покажаа дека се иднината на Англија. Беше голема чест да одиграм 107 натпревари за државниот тим – рече Кол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.